Во Европа минатото лето имало 60.000 дополнителни жртви поради екстремните горештини

Во екот на рекордно високи температури на северната хемисфера, Обединетите нации предупредија на можни сè поинтензивни топлотни бранови на Земјата.

„Гледаме континуиран раст на фреквенцијата, времетраењето и интензитетот на топлотните бранови“, рече Џон Наирн, висок советник за екстремна топлина на Светската метеоролошка организација (СМО).

„Ќе продолжи порастот на интензитетот на овие појави, а светот треба да се подготви за поекстремни топлотни бранови“, рече Наирн на брифингот на ОН во Женева.

Во врска со смртните случаи поради топлотните бранови, тој рече дека една неодамнешна студија пресметала дека во Европа минатото лето имало 60.000 дополнителни жртви поради екстремните горештини.

Истакнувајќи дека бројката е ограничена само на Европа, советникот рече дека топлотните бранови стануваат сѐ пораспространети низ светот.

Тој нагласи дека Европа има еден од најсилните системи за рано предупредување и акциони планови во светот.

„Значи, може да замислите какви се бројките веројатно на глобално ниво“, додаде тој.

Наирн изјави дека растот на истовремени топлотни бранови околу северната хемисфера се зголемил за шестпати од 1980-тите години, без знаци на намалување.

Во моментов, јули и август се најкритични месеци за екстремни топлотни бранови, додаде тој.

СМО вчера соопшти дека може да се забележат нови рекордно високи температури. Интензивните топлотни бранови ги зафатија јужните делови на САД, Медитеранот, Северна Африка, Блискиот Исток и некои земји во Азија.

AA
Популарни