Без промени на политиките цената во човечки животи ќе биде огромна      / Photo: Getty Images

Сегашните политики за ограничување на глобалното затоплување ќе изложат повеќе од една петтина од човештвото на екстремна и потенцијално опасна по живот топлина до крајот на векот, предупредуваат научниците.

Температурата на површината на Земјата е на пат да се зголеми за 2,7 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа до 2100 година. Со тоа над две милијарди луѓе или 22 отсто од предвидената глобална популација, ќе биде надвор од комфорната климатска зона која на човекот му овозможи да напредува со милениуми, објави Nature Sustainability.

Земјите со најголем број луѓе кои се соочуваат со смртоносна топлина во ова сценарио се Индија (600 милиони), Нигерија (300 милиони), Индонезија (100 милиони), како и Филипините и Пакистан (по 80 милиони).

„Тоа е длабоко преобликување на погодноста за живеење на површината на планетата и потенцијално може да доведе до голема реорганизација на местото каде што живеат луѓето“, рече водечкиот автор Тим Лентон, директор на Институтот за глобални системи на Универзитетот во Ексетер.

Ограничувањето на глобалното затоплување на целта од Парискиот договор за климата од 2015 година од 1,5 степени Целзиусови нагло ќе го намали бројот на загрозени на помалку од половина милијарда, околу пет проценти од 9,5 милијарди луѓе кои веројатно ќе ја населат планетата за шест или седум децении.

Досегашното затоплување нешто под 1,2 степени Целзиусови веќе го засили интензитетот или времетраењето на топлотните бранови, сушите и шумските пожари над она што можеше да се случи без загадувањето со јаглерод генерирано од согорувањето на фосилните горива и шумите. Последните осум години беа најжешките досега.

„Трошоците за глобалното затоплување често се изразуваат во финансиски термини, но нашата студија ја нагласува неверојатната цена во човечки животи од неуспехот за справување со климатската криза“, рече Лентон.

„На секои 0,1 степени Целзиусови затоплување над сегашните нивоа, околу дополнителни 140 милиони луѓе ќе бидат изложени на опасна топлина“.

Длабока неправда

Прагот за „опасна топлина“ што се користи во новите наоди е средна годишна температура (МАТ) од 29 степени Целзиусови.

Низ историјата, човечките заедници биле најгусти околу два различни МАТ просека, од 13 степени во умерените предели и 27 степени во тропските предели.

Глобалното затоплување насекаде ги зголемува температурите, но ризикот од преоѓање во смртоносна топлина е очигледно поголем во регионите кои се веќе блиску до црвената линија од 29 степени Целзиусови.

Одржливите високи температури на или над тој праг, покажаа студиите, се силно поврзани со поголема смртност, намалена продуктивност на трудот и принос на земјоделски култури, придружени со зголемен број конфликти и заразни болести.

Не така одамна пред само 40 години, само 12 милиони луѓе ширум светот биле изложени на такви екстреми. Тој број се зголеми за пет пати и уште понагло ќе се зголемува во наредните децении, покажа студијата.

Ризикот е нагласен во регионите околу екваторот, каде што човечката популација најбрзо се шири, тропската клима може да стане смртоносна дури и при пониски температури кога високата влажност го спречува телото да се лади преку потење.

Епизодите на екстремна влажна топлина двојно се зголемени од 1979 година.

Оние кои се најмногу изложени на екстремна топлина живеат претежно во посиромашните земји со најмали јаглеродни загадувања по глава на жител, велат авторите.

Според Светска банка, Индија во просек испушта околу два тони јаглероден диоксид на човек секоја година, а Нигеријците околу половина тон годишно, во споредба со помалку од седум тони по лице во ЕУ и 15 тони во САД.

Ветувањата за намалување на јаглеродот од страна на владите и компаниите кои сè уште не се применети на дело ќе го запрат порастот на глобалните температури на или дури и под 2 степени Целзиусови, овозможувајќи им на стотици милиони луѓе да избегнат катастрофални горештини.

Но, не можат да се исклучат дури и полоши сценарија од 2,7 степени Целзиусови кои би произлегле од сегашните политики, предупредуваат авторите.

Доколку минатите и континуираните емисии предизвикаат ослободување на природни резерви на јаглерод, како на пример во вечниот мраз, или ја загреат атмосферата повеќе од очекуваното, температурите би можеле да се искачат речиси четири степени над нивото од средината на 19 век, велат тие.

TRT World
Популарни