Светски ден на планетата Земја:Европа се загрева најбрзо од сите континенти / Photo: AA

Европа се загрева најбрзо од сите континенти, а бројот на денови со „топлински стрес“ е сѐ поголем, предупредуваат експертите по повод Денот на планетата Земја, кој се одбележува денес, 22 април.

Температурите во Европа беа над просекот за единаесет месеци во 2023 година.

Затоа, по повод Светскиот ден на планетата Земја, кој се одбележува на 22 април од 1970 година, се апелира за намалување на употребата на пластика. Во меѓувреме, новиот извештај покажува дека топлотните бранови во Европа предизвикуваат 30 отсто повеќе смртни случаи отколку пред две децении.

Светскиот ден на планетата Земја оваа година се одвива под слоганот „Со планетата против пластиката“ и го привлекува вниманието на прекумерните количини произведена и фрлена пластика. Во исто време се настојува да се поттикне светско движење за темелно намалување на употребата и производството на пластика.

Во последните десет години произведено е повеќе пластика отколку во целиот 20 век, а индустријата планира експлозивен раст за неодредена иднина.

Поради тоа, активистите за заштита на животната средина бараат намалување на производството на пластика за 60 отсто до 2040 година со крајна цел осигурување иднина без пластика за идните генерации. Во последните години нејзиното производство порасна на повеќе од 380 милиони тони годишно.

Службата на Европската Унија за следење на климатските промени Коперник и Светската метеоролошка организација (СМО) објавија нов извештај што покажува дека температурата во Европа значително се зголемува. Тоа резултира со зголемен број денови во кои „топлинскиот стрес“ е неподнослив.

Според извештајот, температурите во Европа минатата година биле највисоки или втори највисоки од почетокот на мерењата, наведува „Гардијан“.

„Европејците дење страдаат од невидени горештини, а ноќе се под стрес поради непријатните горештини. За две децении бројот на смртни случаи поради горештините во Европа порасна за 30 отсто“, се заклучува во заедничкиот извештај на двете организации.

Последните петгодишни просеци покажуваат дека температурите во Европа се за 2,3 Целзиусови степени повисоки од прединдустриските нивоа, а на глобално ниво температурата порасна за 1,3 Целзиусови степени.

Поради тоа, Европа се загрева најбрзо од сите континенти, речиси двојно побрзо од светскиот просек. Температурите во Европа беа над просекот за единаесет месеци во 2023 година, а септември беше најтопол од почетокот на мерењата досега.

Поради топлото и суво време имаше и повеќе пожари, особено во медитеранските земји, како Португалија, Шпанија и Италија. Минатата година Грција се бореше со најтешкиот пожар во историјата на ЕУ, кој опожари 96.000 хектари, се додава во извештајот.

Од друга страна, обилните врнежи предизвикаа и големи поплави. Европа минатата година беше околу седум отсто повлажна од просекот за три децении, а дури една третина од речната мрежа на континентот го надмина прагот на поплави.

„Во 2023 година Европа беше сведок на најголем пожар досега, една од најврнежливите години, затоплување на морињата и поплави од големи размери“, рече Карло Буонтемпо, директор на Коперник.

Економските загуби поврзани со временските услови и климата во Европа во 2023 година се проценуваат на повеќе од 13,4 милијарди евра. Извештајот не дава податоци за бројот на смртни случаи поврзани со горештините во 2023 година, но научниците проценуваат дека 70.000 луѓе починале од причини поврзани со жештините во целиот свет во 2022 година.

AA
Популарни