Шолц најави дека на 15 јануари ќе побара гласање за доверба на владата и додаде дека нови избори би можеле да се одржат најдоцна до крајот на март 2025 година / Photo: Reuters

Германскиот канцелар Олаф Шолц мора веднаш да побара гласање за доверба на неговата влада во парламентот, а не да чека до јануари, како што предложи, изјави денеска Фридрих Мерц, лидерот на германската опозициска конзервативна Христијанско-демокртаска унија (ЦДУ).

„Коалицијата повеќе нема мнозинство во германскиот Бундестаг (долниот дом на парламентот) и затоа мораме да апелираме до канцеларот да побара гласање за доверба веднаш, најдоцна до почетокот на следната недела“, рече Мерц.

Германската Слободна демократска партија (ФДП) вчера објави дека ќе ги повлече сите свои министри од германската федерална влада, откако канцеларот Шолц во средата го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер.

Со ова, според германските медиуми, ФДП става крај на владејачката коалиција.

Министри на ФДП во Владата, освен лидерот на партијата Кристијан Линднер се Марко Бушман, министер за правда, Фолкер Висин, министер за транспорт и Бетина Штарк-Вацингер, министерка за образование.

Како причина за разрешувањето на министерот, Шолц го наведе незадоволството од работата на Линднер, велејќи дека тој „работел за своите клиенти и за партијата“.

Шолц најави дека на 15 јануари во Бундестагот ќе побара гласање за доверба на владата и додаде дека нови избори би можеле да се одржат најдоцна до крајот на март 2025 година.

Тој тоа го оправда со потребата да се донесат нови закони во декември и побара од Мерк да соработува по тоа прашање.

Лидерите на владејачките партии, СПД, Зелените и ФДП, претходно два и пол часа разговарале како да се извлече коалицијата од кризата, односно како да се пополни дупката од милијарда евра во нацрт-буџетот за 2025 година и да се врати на вистинскиот пат тешко погодената германска економија.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек, пак, денеска изјави дека Шолц постапил правилно кога го разрешил министерот Линднер, ставајќи крај на коалициската влада, но инсистира дека Германија сè уште може да функционира.

„Линднер, лидерот на конзервативните Слободни демократи, не успеа да ја заврши основната функција за формирање на буџетот, што доведе до губење на довербата на другите членови на кабинетот“, изјави Хабек.

„Во таа смисла, одлуката на канцеларот беше логична. Беше конзистентна и неопходна“, додаде тој.

Коалицијата што владееше со Германија вчера се распадна, поради несогласувања во однос на економската и фискалната политика.

Ова го отвори патот за предвремени избори и предизвика политички хаос во најголемата европска економија, во моментот кога на претседателските избори во САД победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

На прашањето дали Германија сè уште може да функционира, Хабек одговори дека може, но дека тие веќе немаат мнозинство во парламентот.

Хабек рече и дека нема намера да биде привремен министер за финансии.

TRT Balkan / агенции
Популарни