Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе го разгледа барањето на Ѓорѓеску „што е можно поскоро, во текот на јануари 2025 година“ / Photo: Reuters

Романскиот независен десничарски кандидат за претседател на поништените избори, Калин Ѓорѓеску, поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур против одлуката на Уставниот суд во врска со поништувањето на претседателските избори.

„Тоа е природен и апсолутно неопходен чекор да се одбранат основните права на Калин Ѓорѓеску, независен кандидат, како и на сите романски граѓани кои заслужуваат фер и транспарентен изборен процес“, изјави неговата адвокатка Марија Василиј.

Ѓорѓеску бара од Европскиот суд за човекови права да ја принуди романската држава да го продолжи изборниот процес, почитувајќи ги резултатите од првиот круг, во кој тој и Елена Ласкони освоија најмногу гласови и требаше да одат во вториот круг, но романскиот Уставен на 6 декември судот донесе одлука за поништување на првиот круг од претседателските избори.

Ѓорѓеску, исто така, побара од Европскиот суд за човекови права Владата на Романија да се обврзе да го продолжи изборниот процес, почитувајќи ги резултатите од првиот круг на изборите и да го организира вториот круг од претседателските избори.

Тој побара од Европскиот суд „да донесе пресуда за случајот по забрзана постапка“.

Според одговорот на Европскиот суд за човекови права до медиумите, барањето на Калин Ѓорѓеску ќе биде разгледано „што е можно поскоро, во текот на јануари 2025 година“.

Романскиот Уставен суд ги поништи резултатите од првиот круг од претседателските избори само два дена пред одржувањето на вториот круг.

Судот навел дека ваквата одлука ја донел со цел „да ја обезбеди исправноста и законитоста на изборниот процес“.

Уставниот суд на Романија на 6 декември ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори бидејќи утврди дека Ѓорѓеску ги прекршил правилата за финансирање на кампањата, бидејќи пријавил до изборната комисија дека не потрошил пари за тоа, а утврдено е дека неговата кампања е финансирана на ТикТок од извесен Богдан Пешчир во износ од еден милион евра.

Објавени се и документи, според кои изборниот процес бил под влијание на моќната руска кампања на хибридни напади.

TRT Balkan / агенции
Популарни