Високи безбедносни мерки се видливи околу зградата на парламентот на Шри Ланка, каде денеска пратениците со тајно гласање ќе го изберат новиот претседател на државата од тројца кандидати.
Ранил Викремесинге (73), премиер и вршител на должноста претседател, е еден од двајцата главни кандидати за нов шеф на државата, по зголемената поддршка за неговиот противкандидат Дулас Алахаперум (63), поранешен министер, владин портпарол и пратеник на владејачката партија.
Тој беше номиниран за претседател од отцепената фракција на владејачката коалиција, а партиите на етничките малцинства во парламентот, исто така, најавија дека ќе го поддржат Алахаперум.
Третиот кандидат, Анура Кумара Дисанајака, лидер на левичарска партија со само три места во 225-члениот парламент, нема реални шанси да победи.
Оној што ќе добие најмногу гласови ќе биде на власт до 2024 година, што е остатокот од мандатот на Готабаја Раџапакса, кој избега од земјата и поднесе оставка.
На евентуалната победа на Викремесинге се спротивставуваат многу жители на Шри Ланка, кои го гледаат како дел од владеењето на Раџапакса што ја доведе земјата во економска катастрофа.
Неговиот избор може да доведе до нови протести, поттикнати од гневот на владејачката елита, која се смета за одговорна за големата економска криза со недостиг од гориво, храна и лекови, изјавија неколку демонстранти за британската агенција Ројтерс.
„Ако Ранил дојде на власт, не можеме да имаме стабилност“, рече Думинда Нагамува, која организираше протести во Коломбо по објавувањето на кандидатурите.
Други демонстранти рекоа дека вршителот на должноста претседател е сојузник на моќното семејство Раџапакса, кое тие го обвинуваат за економската криза.
Другиот главен кандидат, пратеникот на владејачката партија, Дулас Алахаперума, е поприфатлив за демонстрантите и опозицијата, но нема искуство на највисоко ниво во управувањето со земјата која речиси нема девизни резерви и очајно ѝ треба помош од ММФ.
Стотици полицајци, паравоени и воени трупи се распоредени околу зградата на парламентот, а пристапниот пат има најмалку три барикади.
Безбедносни лица со глисери патролираат низ езерото околу зградата, а околу објектот се паркирани воени џипови и оклопни возила.
Викремесинге, шесткратен премиер, стана вршител на должноста претседател минатата недела откако тогашниот претседател Готабаја Раџапакса побегна во Сингапур додека стотици илјади луѓе излегоа на улиците против неговата влада и ја окупираа официјалната резиденција и канцеларијата на претседателот.
Демонстрантите ја запалија и приватната куќа на Викремесинге и упаднаа во неговата канцеларија.
Во моментов не се знае точно каква поддршка имаат 73-годишниот Викремесинге и 63-годишниот Алахаперума во парламентот, а на кандидатите им треба повеќе од една третина од важечките гласови за да бидат избрани за нов претседател. , според Ројтерс.