10 години од првиот меѓународен ден на среќата       Фото: Getty Images / Photo: Reuters

Пандемијата со Ковид-19 и светските кризи поврзани со енергетиката, инфлацијата и воената инвазија врз Украина не го променија драстично оптимизмот на нациите низ светот, ако се гледа според резултатите од Светскиот извештај на среќата.

Победува оптимизмот

„Дури и во текот на овие тешки години, позитивните емоции останаа двојно поприсутни од негативните, а чувствата на позитивна социјална поддршка двојно посилни од оние на осаменоста“, вели Џон Хеливел еден од авторите на извештајот.

Овој извештај го изработува Мрежата за решенија за одржлив развој, овозможена од податоците од Светската анкета на Галуп, во рамки на Обединетите нации како дел од одбележувањето на 20 март како меѓународен ден на среќата.

10 години од првиот ден на среќата

По предлог на Бутан во 2013 година е воведен првиот меѓународен ден на среќата од страна на Обединетите нации како начин да се прикаже нивото на среќа во државите како показател на успех на различен сет на политики покрај економската добросостојба.

Исто така во изминатите десет години се објавува и Светскиот извештај на среќата кој излегува еднаш годишно. На оваа листа се мерат различни категории како показател на среќата на една нација вклучувајќи квалитет на живот, перспективност, здравствени услуги, работа на институциите и општествените врски.

Скандинавците доминираат

Најсреќни земји на светот, според овој извештај, се Финска, Данска, Исланд, Израел и Холандија, а во топ 10 уште Нов Зеланд котира покрај останатите осум земји од Европа.

Од друга страна на дното како најнесреќни земји се сместени Авганистан, Либан, Сиера Леоне, Зимбабве и ДР Конго.

Од Европа на дното е Украина која е зафатена од војна на 92 место, и Грузија која котира на 90 место се единствени две европски земји кои се понесреќни од Северна Македонија, убедлив европски и балкански негативен рекордер според нивото на среќа.

Македонците најнесреќни, Косоварите најсреќни

Во регионот на Западен Балкан во едицијата за 2023 година најдобри резултати покажале граѓаните на Косово и оваа земја се наоѓа на 34 место според нивото на среќа, што е најдобар резултат за младата балканска нација.

На дното е сместена Северна Македонија на 87 место, што е резултат кој се задржува во последните неколку години. Србија е во горниот дел на табелата на 45 место според изјаснувањето за нивото на среќа, Црна Гора е на 67 место, Босна и Херцеговина е рангирана на 71 место и потоа следи Албанија на 83 место.

  • 34 Косово
  • 45 Србија
  • 67 Црна Гора
  • 71 Босна и Херцеговина
  • 83 Албанија
  • 87 Северна Македонија

Евроатлантските интеграции не се гаранција за среќа

Од земјите на Балканот кои се веќе членки на ЕУ и НАТО најдобро котира Словенија на 22 место, а потоа доаѓа Романија на 24 место, а Хрватска е на 48 место.

Под 50 најсреќни земји на светот доаѓа Грција на 58 место, и Бугарија на 77 место како најлошо котирана и приближно како во долната табела на земји од Западен Балкан кои се уште не се интегрирани во европското семејство.

TRT Balkan
Популарни