Стотина илјади граѓани и одадоа почит во четиридневниот период на оплакување покрај нејзиниот ковчег во Вестминстерската палата. Со тоа се заокружи десетдневниот период на национална жалост откако кралицата почина во замокот Балморал во Шкотска на 8 септември.
Денес, на 19 септември Велика Британија ќе го одржи најголемиот државен погреб во поновата историја на еден монарх, особено поради фактот што кралицата Елизабета Втора беше најдолго на оваа позиција во историјата на земјата, или вкупно 70 години на тронот.
5.000 припадници на воените сили на погребот
Погребната церемонија ќе започне со пренос на ковчегот на кралицата од страна на 98 припадници на британската морнарица до Вестминстерската опатија. Над 5.000 припадници на воените сили ќе бидат дел од планираните активности и обичаи.
Погребот ќе го води пречесниот Дејвид Хојл како управител на Вестминстер во духот на британската историја и согласно принципите на Англиканската црква.
Присутен ќе биде новиот крал Чарлс Трети со неговата сопруга и кралица Камила, како и членови на британското кралско семејство.
Кој ќе присуствува на погребот?
Од светските лидер присутни на погребот ќе бидат британската премиерка Лиз Трас, американскиот претседател Џо Бајден, Урсула фон дер Лајн претседателката на Европската комисија и други.
Највисоки државни претставници ќе испратат и повеќе земји членки на Комонвелтот, меѓу кои Австралија, Нов Зеланд и Канада кои со смртта на Елизабета Втора го изгубија нивниот шеф на држава, како и земји кои или повеќе не се монархии или не го прифатиле британскиот монарх за функцијата шеф на држава како Индија и Кенија.
Путин не доби покана
Покана не беше испратена до рускиот претседател Владимир Путин. Така освен Русија уште неколку земји нема да бидат претставени од нивниот државен врв во Лондон, меѓу кои Сирија, Авганистан, Белорусија и Мјанмар.
Пренос во живо
Погребната церемонија ќе биде пренесувана во живо на телевизија, радио и интернет, што ќе биде прв ваков случај во историјата на Велика Британија. Поворката предводена од кралот Чарлс Трети ќе продолжи до капелата Сент Џорџ во палатата Виндзор каде ќе се одржи помала церемонија со 800 гости.
Интимна церемонија за најблиските
Потоа кралицата ќе биде положена во нејзиното вечно почивалиште веднаш до принцот Филип, нејзиниот починат сопруг, преку интимна церемонија само за семејството и најблиските.