Светскиот ден на бубрегот се одбележува 17 години / Photo: www.worldkidneyday.org

Деветти март во светот се одбележува како Светски ден на бубрегот и бубрежните заболувања. Низ целиот свет се одржуваат јавни настани. Во продолжение неколку факти за Светскиот ден на бубрегот и заболувањето на бубрезите.

Се одбележува 17 години

Светскиот ден на бубрегот е глобална кампања. Започна да се одржува во 2006 година. Целта на кампањата во светски рамки е да ја подигне свеста за важноста на бубрезите. Во светот има 850 милиони бубрежно болни.

Дијабетесот и крвниот притисок најчести причинители

Дијабетесот и високиот крвен притисок се најчести причинители за бубрежно заболување. Високиот крвен притисок предизвикува една четвртина од случаите на бубрежна инсуфициенција. Дијабетесот предизвикува една третина од заболувањата.

Фактори кои влијаат на зголемувањето на хроничните бубрежни заболувања во одредени земји може да бидат и стареењето на населението и дебелината.

Трансплантацијата најдобар метод

Трансплантацијата на бубрег се смета за најдобар третман на луѓе со заболување. Трансплантација на бубрег е операција за поставување на здрав бубрег за да го замени бубрегот кој не ги извршува неговите функции. Бубрегот може да биде трансплантиран од жив човек во сродство, жив човек кој не е во сродство или од починат човек. Раното откривање овозможува навремено лекување и го намалува коморбидитетот и морталитетот.

Во Северна Македонија досега се извршени 250 трансплантации на бубрег.

Нема препознатливи симптоми

Едно лице може да изгуби до 90% од функциите на бубрезите пред да доживее какви било симптоми. Симптомите за заболување вклучуваат отечени глуждови, замор, тешкотии со концентрирање, намален апетит, крв во урината и пенлива урина. Поголемиот дел од лицата со рана фаза остануваат недијагностицирани.

Показател за функционалност

Главниот показател за функцијата на бубрезите е нивото на креатинин, отпаден производ на телото произведен од мускулите. Ако функцијата на бубрезите е намалена, креатининот се акумулира во крвта што доведува до покачено ниво кога се проверува тест на крвта.

TRT Balkan / агенции
Популарни