Помалку од половина од светското население живее под некаков вид на демократска власт, додека пак остатокот е управувано од хибридни или авторитарни режими, според Обединетите Нации (ОН). На Светскиот ден на демократијата кој секоја година ОН го одбележуваат на 15 септември, објавено е дека „видлив е негативниот тренд на опаѓање на демократските вредности за што влијаеле повеќе фактори“.
Оваа година ОН денот на демократијата го посветува на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и медиумските работници.
„Обидите да се замолчат новинарите од ден на ден стануваат се побезобразни – од вербален напад до онлајн надзор и правно вознемирување – особено против новинарките. Медиумските работници се соочуваат со цензура, притвор, физичко насилство, па дури и убиства - често неказнето“, порача Антонио Гутиереш генералниот секретар на ОН.
Тој додаде дека без слобода на медиумите не може да опстане демократијата и дека без слобода на изразување нема слобода.
Оваа година се одбележуваат 15 години откако 15 септември и формално беше прифатен од ОН за одбележување на денот на демократијата на светско ниво со насока да се исполнат целите за одржлив развој кои ги опфаќаат граѓанските слободи.
Загрозени медиумските слободи
УНЕСКО објави дека 85 отсто од светското население се соочува со пад на слободата на медиумите и информирањето во нивните земји во последните пет години.
Меѓународните организации регистрираат раст на вербалните и физичките напади врз новинарите, се поголем број на поведени судски процеси, засилен онлајн надзор и сајбер закани, и ограничување на пристапот до информации од јавен карактер.
Годинава, ОН ги акцентираат и жените во медиумите кои се особено изложени на различни форми притисоци и насилство. УНЕСКО и Меѓународниот центар за новинари (ИЦФЈ) открија дека 73 отсто од 714 жени-идентификувани новинарки од 125 земји пријавиле дека доживеале онлајн насилство во текот на нивната работа.
Во последните 5 години биле убиени 455 новинари, дел од нив додека вршеле професионална задача, а дел затоа што работеле на новинарски стории.
Во заедничката изјава Европската Унија се осврна на предизвиците меѓу кои и војната во Украина и кревкоста на демократијата.
„Настаните на кои бевме сведоци во изминатата година се остар потсетник на заканите со кои се соочува демократијата низ целиот свет, вклучително и на нашиот европски континент. Тие, сепак, недвосмислено ја докажаа цврстата увереност на нашите граѓани во вредностите и идеалите кои се во основата на демократските општества“, стои во соопштението на ЕУ.