Во време кога Русија води војна во Украина што предизвика најголемо заострување на односите со САД по Студената војна, кога има зголемени тензии на Корејскиот полуостров и тензии помеѓу Кина и Тајван, дел од земјите во светот планираат да го зголемат задолжителниот воен рок. Други пак, каде е укинат, планираат или размислуваат да воведат повторно задолжително служење војска.
Тензиите со Кина го натераа Тајван да го зголеми воениот рок од четири месеци на една година веќе од 2024 година. Тајванскиот претседател најави дека за време на служењето војска, ќе има поинтензивни тренинзи и поголема финансиска поддршка за оние кои ја поминуваат обуката. Во анкета спроведена во декември, 73 отсто од испитаниците го поддржале овој потег на тајванските власти.
Во продолжение ТРТ Балкан ви дава преглед на петте земји со најдолг воен рок во светот како и кус преглед кога е укинат воениот рок во регионот на Балканот.
Северна Кореја на врвот
Во помалку од 30 земји ширум светот сè уште се спроведува задолжителна воена обука за населението, но периодот на таа обука варира од држава до држава. Воениот рок во Тајван првично беше две години, но „падна“ на четири месеци со намера властите да се потпираат повеќе на волонтерски сили.
Според Статиста, светски лидер е Северна Кореја, најизолираната земја во светот. Дури и медиумите не знаат колку точно трае воениот рок во оваа земја. Гардијан објави дека воениот рок во оваа земја е 10 години за мажи и 7 за жени заклучно со 2015 година, додека Индијан Експрес објави дека станува збор за 8 години за мажи и 5 за жени. Според извештаите на медиумите, оние од елитната класа обично можат да избегнат регрутација.
Во Израел задолжително и за мажи и за жени
Втора земја на листата по должина на воениот рок е Египет каде воениот рок се движи од 12 месеци до 36 месеци, но е задолжителен само за мажите. Сепак, построго е во Израел, третата земја на листата на Статиста, каде има ригорозна политика за воениот рок кој трае 32 месеци за мажите и 24 месеци за жените. Четврта на листата е Иран каде воениот рок трае од 18 до 24 месеци.
Во голем дел од државите во светот, воениот рок може да биде одлаган се додека лицата кои треба да ја посетуваат обуката студираат.
Таков е примерот со Јужна Кореја која на хартија е во војна со Северна Кореја и каде има задолжителна воена обука за сите мажи во период од 18 до 21 месец, во зависност од родот во војската. Со ова Јужна Кореја е петта на листата на земји со најдолг воен рок.
Прашањето за одлагање на служењето на воениот рок го покрена и популарната К-поп група БТС со барање да бидат изземени од служење воен рок. Поради ова и други барања, во Јужна Кореја во моментов, служењето војска може да биде одлагано и до возраст од 30 години за оние што работат во забавната индустрија.
Како е на Балканот?
Задолжителниот воен рок е укинат во сите земји од Западен Балкан. Сепак дебатата за повторно воведување на задолжителен воен рок се враќа во дел од земјите во регионот. Во периодот од 2005 до 2008 година, за дел од земјите кои тогаш беа аспиранти за влез во НАТО, карактеристични беа заложбите за укинување на воениот рок и создавање на целосно професионализирани армии.
Сега кај оние кои не се дел од Алијансата, но и кај некои членки активни се дискусиите кои водат во насока на тоа служењето војска да биде задолжително, но се бараат модалитети како тоа да се изведе. Војната во Украина и активирањето на делумната мобилизација од страна на Русија дополнително ги подгреаја овие дискусии.
Парламентарната иницијатива за укинување на воениот рок во Северна Македонија е од 2005 година, а последната класа која служеше војска е од 2006 година. Во БиХ задолжителниот воен рок се укина во 2006 година, а истата година и Црна Гора ја укина војската со задолжително служење воен рок.
Албанија беше примена во НАТО во 2008 година. Две години потоа, во 2010 година земјата го комплетираше процесот на професионализација на армијата.
Задолжителниот воен рок во Србија е укинат во 2011 година. Косовските безбедносни сили се трансформирани во војска на Косово кон крајот на 2018 година.