Планината Фуџи, највисокиот врв во Јапонија е без снег во овој период од годината, за прв пат во последните 130 години, објави Јапонската метеоролошка служба, по најжешкото лето во таа земја откако се бележат температурните вредности.
Врвот на оваа вулканска планина, најпозната во Јапонија, е покриен со снегулки во просек уште на 2 октомври, а минатата година побеле на 5 октомври.
Сепак, оваа година, поради високите температури на Фуџи не беа забележани снегулки, изјави Јутака Катсута, метеоролог во локалната метеоролошка служба во Кофу, во централна Јапонија.
Летово температурите беа високи, исто како и во септември, што спречи продор на студен воздух кој ќе донесе снежни врнежи“, објаснува Јутака Катсута.
Според него, климатските промени веројатно делумно се причина за ова одложување.
По рекордно високите температури забележани во 2023 година, Јапонија го доживеа најжешкото лето во 2024 година од почетокот на мерењата.
Од 1894 година, кога во Јапонија почнаа да се забележуваат датумите на првите снежни врнежи во годината, до 26 октомври Фуџи секогаш беше покриен со снег.
Оваа планина е покриена со снег во поголемиот дел од годината, освен во периодот од јули до септември.
Многу планинари затоа одлучуваат да се искачат на врвот во текот на ноќта за да уживаат во глетката на изгрејсонцето од таму, на надморска височина од 3.776 метри.
Од центарот на Токио со воз може да се стигне до Фуџи за околу два часа и може да се види од главниот град.
Оваа прекрасна планина е симбол на Јапонија, овековечена во безброј уметнички дела.
Последната вулканска ерупција на Фуџи се случи пред три века.