Во Собранието денеска започнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на 12. собраниска седница. / Photo: Собрание на РСМ (Архива)

Во Собранието денеска започнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на 12. собраниска седница.

Согласно Деловникот на Собранието, претресот по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот, односно по дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу три дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет во која беа усвоени два амандмани, по што Владата на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедуваат плус средства – за плати и за набавка на опрема за повеќе институции.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска викендов во интервју за Националната телевизија изјави дека со ребалансот на Буџетот се обезбедени пари за сите обврски коишто се согласно закон и тие ќе се сервисираат.

„Голем притисок којшто се прави врз Буџетот доаѓа од исплатата на гаранциите, односно кредити за одредени јавни претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат“, потенцира Димитриеска-Кочоска.

Во ребалансот, како што вели таа, е испланирано да се исплати се она што е согласно закон и законски измени.

„Предвидени се средства и за доспеаните обврски, коишто иако биле доспеани не биле воопшто евидентирани во ЕСПЕО системот на Министерството за финансии. При тоа даваме приоритет на сервисирањето на она што е сигурно за плаќање согласно закон. На дел од доспеаните обврски се прави ревизија по што ќе се направат исплати согласно утврдените анализи. Во фаза сме кога може да трошиме толку колку што ќе наплатиме со цел да не креираме дополнителен буџетски дефицит, којшто е веќе зголемен за 181 милион евра“, рече министерката.

Таа додаде дека сериозна тежина претставуваат исплатите на гаранциите кое влијае на реализацијата на инвестиции.

„Станува збор за сериозна тежина којашто се прави врз Буџетот од исплатата на гаранциите, затоа што поради корупција и криминал некои претпријатија се уништени и сето тоа паѓа на товар на државата. И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравство, образование и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. На пример само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една“, потенцира Димитриеска-Кочоска и додаде дека тоа се случува во момент кога Буџетот е во тешка состојба, а државата како крајна инстанца мора да обезбеди пари за враќање на кредитите.

За најавеното линеарно зголемување на пензиите смета дека тоа е нешто што го заслужуваат пензионерите.

„Ако на некој со пензија од 13.000 денари му додадете 5.000 денари, значи му давате пари за да преживее, имајќи ги предвид зголемените трошоци. Ние само ја менуваме методологијата со која се фокусираме тие што имаат пониски пензии да добијат поголем износ и со тоа да се намали јазот со повисоките пензии, рече министерката за финансии.

Билатераниот заем од Унгарија, според министерката не прави дополнителен притисок врз Буџетот, бидејќи, како што вели, износот од 500 милиони евра е предвиден од претходната Влада.

„Она што го правиме ние е обезбедување поевтини пари. Односно доколку отидевме со изддавање еврообврзница ќе добиевме средства со камата од над 6%, а овој заем е со камата од 3,25%“, рече Димитриеска-Кочоска.

Министерката истакна дека јавниот долг може да биде одржлив преку справување со неформалната економоија и дека важен аспект е и на кој начин се трошат парите што се позајмуваат, односно дали тие се трошат за инвестиции.

Минатата недела образложувајќи го дополнетиот ребаланс што го усвои Владата, Диомитриеска Кочоска истакна дека се проектирани преку 4,1 милијарда денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за пензии, 800 милиони денари за корисниците на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштитра, една милијарда за ТИРЗ, 1,7 милијарди за субвенции во земјоделство, 437 милиони за студентски оброк и 207 милиони за стипендии, како и шест милијарди денари за проекти во општините.

Со дополнувањето на ребалансот се обезедени дополнителни средства за повеќе институции: Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конуренција, Агенцијата за заштита на лични податоци, МВР, Инспекцискиот совет, министерствата за образование и за транспорт и врски, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Народниот правобранител, Советот на јавни обвинители, МАНУ,…

TRT Balkan / агенции
Популарни