Со смртта на кралицата Елизабета Втора завршува една значајна ера во британската, но и светската историја изразена преку нејзиното седумдесетгодишно задржување на тронот. Втора со нејзиното име, стапи на власт речиси на слична возраст како и Елизабета Прва, но со долговечноста и стабилноста која ја воведе во британската монархија, ги надмина славните кралици од британското минато, и ја осигура позицијата на Велика Британија во постоколонијалната епоха.
За голем дел од светот смртта на Елизабета Втора претставува огромна загуба, на лидер кој со достоинство, посветеност и грациозност животот го посветил на служба на државата, народот и семејството. Таа овозможи реформи на Комонвелтот каде остана во функција „шеф на држава“ во 15 членки, вклучувајќи ги Канада, Австралија и Нов Зеланд, но и прифатена како „симбол на доброволно сојузништво“ од останатите речиси 40 земји, од кои повеќето поранешни британски колонии.
Елизабета Втора, Тито и регионот
За овие простори, од помалку заборавената историја, од огромно значење е односот помеѓу Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на поранешна Југославија и кралицата Елизабета Втора, кој ги обликуваше релациите во поствоена Европа пред почетокот на Студената војна.
Маршалот првата посета на Велика Британија ја оствари во 1953 година, неколку месеци пред престолонаследничката официјално да биде крунисана за идна кралица. По покана и инсистирање на премиерот Винстон Черчил, Тито беше поканет како сојузник во борбата со нацистите во Втората светска војна, но и како иден близок соработник на Западот по налетот на Јосиф Сталин и формирањето на Варшавскиот пакт со повеќе земји од Источна Европа како сателити на СССР.
Години претходно било незамисливо комунистички лидер да биде топло пречекан на Западот, особено Тито кој бил перцепиран како лидер кој давал поддршка за комунистите во граѓанската војна во Грција што довеле и до проблеми за Велика Британија и САД на воен план, кои ги поддржувале грчките монархисти. Исто така и укинувањето на југословенската монархија било причина за сомнеж кај британските благородници.
Но, потребата да и се прати сигнал на Источна Европа дека се возможни различни односи со Западот и покрај притисокот на Кремљ, ја поставиле основата за затоплувањето на односите.
Две децении потоа, кралицата Елизабета Втора, веќе во официјална функција ќе оствари државна посета на Југославија, топло пречекана од Тито и Јованка Броз.
Крајот на Елизабетанската ера и подемот на Чарлс Трети
Главните предизвици со кои се соочи Елизабета Втора, беа големите светски промени, меѓу кои деколонизацијата, Студената војна, падот на Железната завеса, војните на Блискиот исток во кои беше вклучена и британската армија, но и внатрешните турбуленции, предизвикани пред се од членовите на потесното кралско семејство.
По 70 годишно владеење, монархијата ќе се потпира на водството на Чарлс Трети, најстариот син на кралицата. Тој целиот живот го помина подготвувајќи се за највисоката чест, но и огромната одговорност - да ја води британската нација.
Чарлс Трети ќе треба да осигура дека монархијата ќе остане стабилна и дека има сила да ги надмине неодамнешните скандали, меѓу кои напуштањето на кралските обврски на принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл, актерка од САД, кои предизвикаа огромно медиумско внимание.
Сепак, со посветеноста на принцот Вилијам и принцезата Кејт, како и нивното поколение, британската јавност е засега уверена дека монархијата е безбедна, и дека државата нема да преживува уставни или институционални кризи.