Поранешната лидерка на Мјанмар Су Чи осудена на вкупно 33 години затвор         Фото: Ројтерс

Судот на воената хунта денеска ја осуди поранешната лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, на уште 7 години затвор, со што нејзината вкупна затворска казна во сите случаи е 33 години.

Последната затворска казна, 15-та осуда, беше изречена во случај за наводна корупција, што доведе до крај на нејзиното судење во сите случаи. Поранешната државна советничка Су Чи беше уапсена минатата година во февруари кога војската на земјата изврши државен удар.

Последната затворска казна Воениот совет денеска ја изрече во затвор, потврди Судската редакција, според извештајот на „Кит тит медиа“ (Khit Thit Media).

Во октомври, на затворената бурманска лидерка ѝ беа доделени уште две тригодишни затворски казни поради „корупција“ што ѝ донесе затворска казна од 26 години.

Различните обвиненија против Су Чи вклучуваат наводна изборна измама, кршење на правилата за јавна безбедност на Ковид-19, увоз на воки-токи и кршење на актот за службени тајни.

Претходно оваа година во јуни, воениот режим ја префрли во затвор и ја стави во самица.

По нејзиното соборување со воен удар на 24 февруари 2021 година, Су Чи беше ставена во домашен притвор до април оваа година, кога беше префрлена на непозната локација, за која се верува дека е затворот „Најпитав“ во главниот град на Мјанмар.

Су Чи претходно помина околу 15 години во домашен притвор за време на различни режими на хунтата во земјата со мнозинско будистичко население.

Таа беше затворена по вторпат во 2009 година. Тогашниот режим на хунтата ја префрли во затворот „Инсеин“ во Јангон четири месеци претходно истата година поради „прекршување на правилата за нејзиниот домашен притвор“.

Владата на Су Чи беше соборена откако нејзината партија Национална лига за демократија победи на националните избори во ноември 2020 година.

Пучот беше дочекан со широки граѓански немири, при што луѓето ја осудија нејзината смена и военото владеење. Хунтата насилно ги потисна протестите, и покрај предупредувањата на ОН дека земјата западнала во граѓанска војна.

Канцеларијата за права на ОН соопшти дека најмалку 2.316 луѓе, меѓу кои најмалку 188 деца, се убиени во Мјанмар откако војската ја презеде власта.

AA
Популарни