Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц во петокот беше осуден на условна казна од осум месеци за лажно сведочење во парламентарна истрага за наводна корупција во неговата влада.
Пресудата на Кривичниот суд во Виена уследи по четиримесечно судење. Ова е прв случај по повеќе од 30 години во кој му се суди на поранешен австриски канцелар.
Случајот се фокусираше на сведочењето на Курц во истрагата за коалицијата што тој ја водеше од 2017 година до нејзиниот колапс во 2019 година.
Тој беше обвинет за давање лажни изјави во јуни 2020 година за неговата улога во основањето на холдингот OeБAГ, кој управува со улогата на државата во некои компании, и во назначувањето на неговиот поранешен близок соработник Томас Шмид на чело на компанијата.
Судијата Мајкл Радаштикс го прогласи Курц за виновен за давање лажни изјави за назначувањето на Надзорниот одбор на компанијата, но не и за назначувањето на Шмид.
Иако некогаш се сметаше за ѕвезда во подем меѓу конзервативците во Европа, Курц поднесе оставка во 2021 година откако беше отворена специјална истрага за корупција и оттогаш ја напушти политиката.
Сепак, неговата Австриска народна партија продолжува да ја води владата под актуелниот канцелар Карл Нехамер. Поддршката за партијата моментално опаѓа на анкетите во пресрет на националните избори што ќе се одржат во септември.
Курц дојде на власт благодарение на антиимиграциска платформа и имаше само 31 година кога стана лидер на партијата, а потоа и канцелар во 2017 година.
Себастијан Курц победи на предвремените избори во 2019 година, но поради обвинувањата дека влијаел на манипулациите со предизборните анкети во корист на неговата партија, во 2021 година поднесе оставка од функцијата претседател на партијата и канцелар.