Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нејзини експерти ја посетиле оштетената разладна кула во украинската нуклеарна централа Запорожје и не пронашле остатоци од дрон.
„Врз основа на опсервацијата, тимот оцени дека е малку веројатно дека примарниот извор на пожарот започнал во базата на кулата за ладење“, рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.
Неговите изјави уследија по еден ден откако Украина и Русија разменија обвинувања по извештаите за избувнување пожар во еден од системите за ладење на електраната која е под контрола на Русија.
Русија ги обвини украинските сили дека ја нападнале кулата за ладење со дрон, додека украинскиот претседател Владимир Зеленски ги обвини руските војници дека ја запалиле централата.
При посетата на погодената кула за ладење, Гроси рече дека тимот забележал изгорени делови во внатрешната опрема повисоко, во близина на нивото на млазницата за дистрибуција на вода.
„Примероци од остатоците, вклучително и изгорена и стопена пластика, беа собрани“, рече тој, додавајќи: „Ниту гуми, ниту остатоци од дрон не беа забележани за време на опсервацијата“.
„Тимот потврди дека нема значителни знаци на нарушување на остатоците, пепелта или саѓите во базата на разладната кула, и нуклеарната безбедност на централата не е засегната“, нагласи тој.
„Тимот не беше во можност да донесе дефинитивни заклучоци врз основа на досегашните наоди и набљудувања“, рече Гроси, додавајќи дека МААЕ ќе продолжи со севкупната анализа по дополнителен преглед и пристап до нивото на млазницата за дистрибуција на вода и басенот на студената вода.