Тензиите дојдоа во време на засилени напори за надзор во Балтичкото Море, каде што сојузниците на НАТО ги следат потенцијалните закани за подморските кабли и цевководи / Photo: Reuters

Германските медиуми тврдат дека е забележан инцидент меѓу хеликоптер на германската армија и руски брод во Балтичкото Море и дека рускиот брод испукал „предупредувачки истрели“.

Според германската новинска агенција ДПА, рускиот брод користел светлечки куршуми како „знак за предупредување“ за германскиот хеликоптер кој вршел извидувачки лет.

Германското Министерство за одбрана одби да го коментира инцидентот и само изјави дека одвреме-навреме се случуваат прекршувања на правилата на море или во воздушниот простор.

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, претходно истакна дека руски бродови постојано се движат во Балтичкото Море и покрај санкциите.

Баербок, исто така, рече дека ќе се зголеми надзорот на цевководи и кабли со оптички влакна во Балтичкото Море и дека патролите треба да ја прошират заштитата на клучната инфраструктура.

Тензиите дојдоа во време на засилени напори за надзор во Балтичкото Море, каде што сојузниците на НАТО ги следат потенцијалните закани за клучната инфраструктура, вклучително и подморските кабли и цевководи.

Неодамнешното оштетување на каблите со оптички влакна меѓу неколку нордиски земји ја зголеми оваа загриженост.

Две нови оштетувања на каблите на интернет линијата се случија во вторникот меѓу Шведска и Финска, според шведскиот СВТ.

„Ситуацијата ја сфаќаме сериозно“, напиша финскиот министер за комуникации Лулу Ране.

Оштетувањето на кабелот било откриено вчера и најверојатно се случило на копно во Финска.

Оштетување на два оптички кабли во Балтичкото Море беше откриено и во средината на ноември, набргу откако кинескиот брод „Ји Пенг 3“ помина низ областа.

Бродот, кој сега е усидрен во Категат меѓу Шведска и Данска, е под истрага од неколку земји.

Шведските власти истражуваат можен случај на саботажа.

TRT Balkan / агенции
Популарни