Претседателот на Еквадор синоќа прогласи воена состојба против нарко-картелите по тридневното насилство во кое бандите се судрија со вооружените сили на земјата.
Во интервју за локалната радио станица Радио Канела, Даниел Нобоа зборуваше за „терористичките акти“ и драматичниот пораст на насилството што ја потресоа земјата.
„Ние сме во војна. Не можеме да им се предадеме на овие терористи. Го правиме она што е потребно за да ја елиминираме несигурноста. Овие банди мислат дека ќе го скршат претседателот со упад на телевизиските преноси и земајќи ги безбедносните сили како заложници, но нема да успеат“, рече Нобоа.
Во вооружените судири досега загинаа 11 лица. Властите, исто така, пријавија насилни дејствија, како што се палење возила, блокади и бомбашки напади во голем број провинции.
Дополнително, Националната служба за внимание на лицата лишени од слобода, вчера објави дека затворениците зеле 139 чувари и други врабитени како заложници.
Во вторникот, Нобоа објави состојба на „внатрешен вооружен конфликт“ и прогласи 22 криминални групи активни во земјата за терористички организации. Преку претседателски декрет, тој распореди војници за борба против криминалните банди кои го тероризираат населението.
Според Нобоа, етикетирањето на групите како терористички организации и овозможува на владата да преземе различни мерки против нив.
„Сите овие терористички групи се воени цели, и ако сакате да се спротивставите, бидете храбри и борете се против војската директно“, рече тој.
Указот беше потпишан откако вооружени лица упаднаа во сетот на телевизиската мрежа ТЦ во градот Гвајакил за време на пренос во живо, земајќи заложници додека мавтаа со оружје и гранати.
Истиот ден, вооружени мажи ги зазедоа објектите на универзитетот во Гвајакил, држејќи студенти под закана со оружје.
За нападот на телевизиското студио уапсени се 13 осомничени. ,
Нобоа најави и драстични мерки како полициски час во земјата и репресии на судските службеници.
„Ќе ги сметаме и судиите и обвинителите кои ги поддржуваат идентификуваните водачи на овие терористички групи како дел од терористичките групи“, рече тој за време на радио интервјуто.
Нобоа, исто така, рече дека земјата ќе започне да ги депортира странските затвореници, особено Колумбијците, за да ја намали затворската популација, истакнувајќи дека затворениците од Колумбија, Перу и Венецуела претставуваат 90 отсто од странците затворени во земјата.
Според претседателот, оваа недела ќе бидат депортирани до 1.500 колумбиски затвореници.
Бранот насилство во земјата го следи бегството на Хозе Адолфо Масијас, познат како Ел Фито“, водачот на „Лос Чонерос“, насилна организација одговорна за трговија со дрога во земјата и наводниот вооружен огранок на картелот Синалоа.
Минатата недела, Масијас побегна од својата ќелија во затворот Литорал во Гвајакил заедно со други затвореници од висок профил.
Тој отслужуваше 34-годишна затворска казна од 2011 година, откако беше осуден за трговија со дрога, убиства и организиран криминал.