Тој не кажа какви конкретни мерки ќе бидат преземени, а одлуката освен од опозицијата е критикувана и од неговата владејачка партија / Photo: Reuters

Јужнокорејскиот претседател Џун Сук Јеол денеска прогласи воена состојба со цел да се искоренат „просевернокорејските сили“ и да се одржи уставниот поредок, на што се спротистави опозицијата за која одлуката е противуставна.

Јеол рече дека „нема друг избор“ освен да прибегне кон таква мерка и посочи дека опозициските партии „ги зеле во заложништво парламентарните процеси“ за да ја вовлечат Јужна Кореја во криза.

„Прогласувам воена состојба за да ја заштитам слободна Република Кореја од заканите на севернокорејските комунистички сили, да ги искоренам одвратните просевернокорејски антидржавни сили кои ја ограбуваат слободата и среќата на нашиот народ и да го заштитам слободниот уставен поредок“, рече Јеол.

Тој не кажа какви конкретни мерки ќе бидат преземени.

Лидерот на опозициската Демократска партија, Ли Је Мијунг оцени дека прогласувањето воена состојба е неуставна и ги повика сите пратеници од опозицијата да дојдат во зградата на парламентот.

Тој рече дека собранието ќе се обиде да ја отповика одлуката на Јеол, но додаде и дека армијата најверојатно ќе се обиде да уапси некои пратеници.

Претседателот на владејачката партија Народна моќ, чиј член е Јеол, Хан Донг Хун, исто така рече дека ќе се обиде да ја блокира одлуката на Јеол, нарекувајќи ја погрешна.

Претходно оваа недела, членовите на Демократската партија, која има мнозинство во парламентот, побараа импичмент на неколку обвинители во земјата.

Северна Кореја минатиот месец ги прекина далноводите инсталирани од Јужна Кореја за снабдување со електрична енергија на затворениот заеднички индустриски парк и разнесе делови од патишта што ја поврзуваат со Јужна Кореја северно од воената линија за разграничување.

Претходно, Северна Кореја ги отстрани уличните светилки и постави мини долж патиштата Ѓеонги и Донга и распореди војници на својата страна од демилитаризираната зона, според јужнокорејската новинска агенција.

TRT Balkan / агенции
Популарни