Според казахстанските власти, 38 лица загинале во падот на авионот „Ембраер 190“, додека други 29 преживеале / Фото: Reuters

Првичната истрага покажува дека руски ракетен систем го предизвикал падот на авионот на „Азербејџан ерлајнс“ вчера во казахстанскиот град Актау, јавуваат азербејџанските медиуми денес, пренесува Анадолу.

Повикувајќи се на владини извори, во извештајот на азербејџанскиот весник „AnewZ“ се тврди дека прелиминарните резултати од истрагата за инцидентот утврдиле дека авионот бил нападнат од ракетен систем „Панцир“ додека се приближувал до градот Грозни.

Според извештајот, комуникацискиот систем на авионот бил целосно парализиран поради употребата на руски системи за електронско војување, што резултирало со исчезнување на авионот од радарите додека бил во рускиот воздушен простор.

Се додава дека авионот повторно се појавил на радарите само додека бил во областа околу Каспиското Море.

Авионот на „Азербејџан ерлајнс“ со 67 патници, кој патуваше од главниот град на Азербејџан, Баку, до градот Грозни во Руската Република Чеченија, се урна на околу 3 километри од казахстанскиот град Актау, кој се наоѓа на брегот на Каспиското Море.

Според казахстанските власти, 38 лица загинале во падот на авионот „Ембраер 190“, додека други 29 преживеале, при што и Азербејџан и Казахстан започнале истрага за инцидентот.

И „Азербејџан ерлајнс“ и руската Федерална агенција за воздушен транспорт соопштија дека прелиминарните наоди укажуваат на судир со птици како причина за несреќата.

Сепак, снимката од местото на несреќата покажа големи дупки во опашката на авионот, што предизвика шпекулации дека можеби е урнат како последица од напад.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно денес одби да ги коментира медиумските извештаи кои тврдат дека авионската несреќа е резултат на напад и ги повика сите да почекаат додека не заврши истрагата.

AA
Популарни