Во своето прво јавно појавување по обидот за атентат врз него на 15 мај, словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека евентуално би можел да се врати на работа овој или следниот месец.
„Постепено би можел да се вратам на работа на крајот на јуни или во јули“, вели Фицо во видеото објавено на Фејсбук.
Фицо го нарече напаѓачот активист на опозициските партии, велејќи дека нема причина да се верува дека пукањето било дело на „осамен лудак“. Тој додаде дека не чувствува омраза кон напаѓачот и рече дека е време за прошка.
Фицо се опоравува во домашни услови откако беше застрелан со четири куршуми од непосредна близина кога ги поздравуваше приврзаниците за време на владиниот состанок во централниот словачки град Хандлова. По нападот тој беше во тешка состојба во болница и врз него беше извршена повеќечасовна операција.
Напаѓачот, идентификуван од обвинителството како 71-годишниот Јурај Ц. беше приведен на лице место и обвинет за обид за убиство со умисла.
Инцидентот ја истакна длабоката поларизација на политиката во централноевропската земја со 5,4 милиони жители.
Опозициските партии водеа протести против владата на Фицо, бидејќи таа ја менува политиката со запирање на воената помош за Украина и укинување на канцеларијата на специјалното обвинителство и покрај загриженоста за владеење на правото.