Според првичните наоди од истрагата, пердуви и дамки од птичја крв биле пронајдени во двата мотори на авионот / Photo: Reuters

Извештајот од прелиминарната истрага за авионската несреќа во Јужна Кореја минатиот месец потврди дека јато птици удрило во моторите на авионот, иако властите се уште не ја утврдиле точната причина за несреќата, во која загинаа 179 луѓе.

Само две стјуардеси се спасени живи од опашката на авионот, кој се запали по ударот во ѕид.

Авионот Боинг 737-800 на Џеџу Ер полетал од Тајланд и се урна при слетување на меѓународниот аеродром Муан, лоциран во близина на познато живеалиште на птици преселници во провинцијата Јужна Џеола.

Според првичните наоди од истрагата, пердуви и дамки од птичја крв биле пронајдени во двата мотори на авиони.

Како што е потврдено со ДНК-анализа, станува збор за локален вид патка преселница, се наведува во извештајот на истрагата и се додава дека црната кутија на авионот престанала да снима околу четири минути пред падот.

Јужнокорејските власти претходно соопштија дека ќе отстранат бетонска конструкција на крајот од пистата на која се сместени комплет антени, откако некои експерти изјавија дека тоа ги влошило последиците од несреќата.

Боингот 737-800 излетал од аеродромската писта при слетувањето и удрил во бетонскиот ѕид, а потоа се запалил.


TRT Balkan / агенции
Популарни