Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека вооружените сили минатата година биле опремени со приближно 140.000 дронови, а според неговата процена, годинашното производство ќе биде 10 пати поголемо, јавува Анадолу.
Во обраќањето на состанокот на Воено-индустриската комисија во Москва на кој се разговараше за развојот на дронови за специјални намени, Путин рече дека освен количините, руската одбранбена индустрија планира да произведе повеќе видови беспилотни летала.
„Оваа година се планира производството на дронови значително да се зголеми, поточно речиси десеткратно... поголем дел од нив ќе бидат пратени во армиите на линијата на фронтот“, рече тој.
Путин нагласи дека покрај производството на дронови, неопходно е да се развијат системи што ќе овозможат нивно онеспособување, било со стрелање или нивно блокирање со воено оружје.
Рускиот претседател го нарече производството на широк спектар на беспилотни летала „клучна задача“, апелирајќи сериското производство да започне „колку што е можно побрзо“.
„И нагласувам дека станува збор за сериско производство на таква перспективна опрема. И, се разбира, треба да создадеме основа за иднината. Односно веќе може да предвидиме какви задачи ќе решаваат дроновите утре“, посочи Путин.