Рускиот претседател Владимир Путин на церемонија за прогласување на анексијата по одлуките од одржаните референдуми на територија на Украина кои ги држи под контрола руската армија, посочи: „ќе ја браниме нашата земја со сите сили и сите наши средства“.
Истовремено го повика Киев: „веднаш да ги прекине непријателствата и да се врати на преговарачката маса“.
Според Путин, луѓето кои живеат регионите Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон: „се и засекогаш ќе бидат руски државјани“, за што веќе се преземаат административни чекори за издавање руски државјанства, поставување на руски претставници во управните тела и институции и целосно отфрлање на украинската власт.
Регионите кои одржаа референдуми опфаќаат 15% од вкупната територија на Украина. Со одлуката за нивно припојување кон Руската Федерација се случува најголемото преземање на територија во Европа по Втората светска војна.
Овие одлуки наидоа на силни осуди од страна на Европската Унија и САД, но пораки за неодобрување стигнуваат и од земји кои вообичаено се блиски до Кремљ.
Најголема загриженост доаѓа по јавно искажаните закани од Путин и раководството во Кремљ дека секој напад на „руска територија“ ќе биде сфатен како отворено непријателство и директна војна со Руската Федерација. Таквите напади според Кремљ, ќе дочекаат целосен одговор од Русија, вклучувајќи и употреба на нуклеарно оружје.
Додека Путин ги прогласува новите региони за руска територија, еден од најголемите руски гарнизони во украинската војна е опколен во градот Лиман, на северот на регионот Доњецк.
Проруски претставници ја потврдија воената состојба на терен и стравуваат дека може да дојде до најголемиот воен пораз на руските сили од почетокот на инвазијата. Тоа ќе отвори пат за враќање на делови од украинската територија кои Киев претходно ги загуби.