Мишустин досега беше премиер на Русија, а на таа функција беше избран во 2020 година / Photo: Reuters

Рускиот претседател Владимир Путин денеска до Државната дума поднесе предлог за кандидатурата на Михаил Мишустин за функцијата премиер на Русија.

Мишустин досега беше премиер на Русија, а на таа функција беше избран во 2020 година.

Пред тоа, тој беше на чело на Федералната даночна служба од 2010 година.

Откако Путин во вторникот положи заклетва и го презеде новиот, петти претседателски мандат, руската влада, во согласност со Уставот на Руската Федерација, поднесе оставка.

„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната Дума предлог за кандидатурата на Мишустин Михаил Владимирович за премиерската функција“, напиша претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин на својот канал Телеграм.

Володин најави дека Думата денеска ќе расправа за кандидатурата на Мишустин.

Според него, за време на дискусијата за кандидатурата, важно е да се добијат одговори на прашањата за тоа како ќе се решат задачите поставени од претседателот Владимир Путин кога станува збор за демографската политика, поддршката на семејствата со деца, зајакнувањето на технолошкиот суверенитет и зголемувањето на одбранбената способност на земјата.

Според руските закони, премиерот го назначува претседателот откако неговата кандидатура ќе биде одобрена од Државната дума.

Новиот премиер му поднесува на претседателот најдоцна една недела по именувањето предлог за структурата на сојузните органи на извршната власт, а во рок од 14 дена премиерот до Државната дума на одобрување ја доставува кандидатурата на вицепремиерот и министрите, освен на шефовите на безбедносниот блок и на Министерството за надворешни работи, за кои се применува посебна процедура, пренесува РИА Новости.

Министрите за одбрана, внатрешни работи, правда, министерот за вонредни ситуации и надворешни работи, како и шефот на Федералната служба за безбедност ги именува претседателот на Русија по консултација со Советот на Федерацијата, Горниот дом на парламентот.

TRT Balkan / агенции
Популарни