Путин нагласи дека Москва нема територијални претензии кон Полска, Латвија или која било друга земја / Photo: AA

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека промената на претседателот во САД нема да го промени односот на нивните елити кон неговата земја.

„Ме прашавте дали некој друг лидер ќе дојде и ќе промени нешто? Не се работи за личноста на лидерот, туку за расположението на елитите“, рече Путин за време на интервјуто со поранешниот водител на Фокс Њуз Такер Карлсон во Москва, емитувано доцна во четвртокот.

Истакнувајќи дека поразот на Русија на бојното поле е „невозможен“, Путин рече дека нема за што да разговара со американскиот претседател Џо Бајден поради испораката на оружје од Вашингтон за Украина и дека последен пат разговарал со Бајден пред почетокот на војната во Украина.

„Инаку, тогаш му реков, нема да навлегувам во детали, никогаш не го правам тоа, но тогаш му реков: верувам дека правиш огромна грешка од историски размери поддржувајќи сѐ што се случува таму во Украина, и така ја оттурнуваш Русија“, рече тој.

Путин рече дека Русија е подготвена да го реши проблемот со приведувањето на новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович, но има „одредени услови“ за кои се разговара преку „партнерските канали меѓу разузнавачките служби“.

„Ми се чини дека ова може да се договори“, рече тој.

Тој, исто така, рече дека она што Гершкович го правел додека бил во Русија е „шпионажа“, бидејќи било откриено дека „примал тајни информации на тајна основа“ и дека бил фатен на дело.

Гершкович, американски државјанин кој работел како известувач во московското биро на Журнал, беше уапсен од руската Федерална служба за безбедност во градот Екатеринбург во март минатата година под обвинение за шпионажа.

Русија и Украина ќе постигнат договор „порано или подоцна“

Путин ја коментираше и ситуацијата во Украина, велејќи дека Москва и Киев ќе постигнат договор „порано или подоцна“, повторувајќи дека Русија „никогаш не ги одбила преговорите“.

„Порано или подоцна, сепак ќе се договориме. И знаете што? Можеби дури и звучи чудно во денешната ситуација, но односите меѓу народите сепак ќе бидат обновени. Ќе биде потребно многу време, но тие ќе бидат обновени“, рече тој.

Велејќи дека она што се случува на фронтот меѓу руските и украинските сили е, до одреден степен, „елемент на граѓанска војна“, Путин истакна дека сите на Запад мислат дека борбите во Украина засекогаш разделиле еден дел од рускиот народ од друг, но „повторното обединување ќе се случи“.

Путин, исто така, ја дефинираше Украина како „сателит“ на САД и „вештачка држава“ создадена од Советскиот Сојуз, велејќи дека раководството на Украина одбило да преговара со Русија врз основа на „инструкциите од Вашингтон“ и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски законски си забранил да разговара со Русија.

„Тој потпиша декрет со кој им забранува на сите да преговараат со Русија“ рече Путин.

Тој истакна дека САД треба да ја прекинат испораката на оружје за Украина ако сакаат да го запрат конфликтот, додавајќи дека тоа „ќе стави крај на сѐ во рок од неколку недели“.

Путин потенцираше дека Русија не сака никакво проширување на војната која моментално е во украинските граници.

„Глобална војна не доаѓа предвид. Тоа е во спротивност со здравиот разум, бидејќи таквата војна ќе го доведе човештвото на работ на уништување. Москва нема територијални претензии кон Полска, Латвија или која било друга земја. Можеме само да возвратиме во еден случај, а тоа е ако има напад врз Русија, од на пример, Полска,“ рече Путин.

AA
Популарни