Путин уште на 10 мај поднесе предлог закон до државната Дума со кој Русија се откажува од договорот / Photo: AA

Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша декрет со кој го откажува Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа ЦФЕ, важен договор за контрола на оружјето по Студената војна потпишан со НАТО.

Декретот, објавен на владиниот портал, беше потпишан по две недели откако руските пратеници го одобрија повлекувањето на Москва од Договорот.

Путин на 10 мај поднесе предлог-закон до Државната дума на Русија, долниот дом на Парламентот на земјата, со кој се Русија се откажува од овој Договор.

ЦФЕ беше потпишан на 19 ноември 1990 година во Париз помеѓу двата воени блока, НАТО и Варшавскиот пакт. Тој воведе ограничувања на пет клучни категории конвенционална воена опрема во Европа – тенкови, оклопни возила, артилерија, хеликоптери и борбени авиони и со него беше пропишано уништување на вишокот оружје.

Ажурираниот договор CFE од 1999 година беше подготвен и одобрен во Истанбул, земајќи ги предвид новите реалности како што се распуштањето на Варшавскиот пакт и проширувањето на НАТО.

Бидејќи земјите од НАТО не го ратификуваа договорот, Путин го суспендираше учеството на Русија во договорот ЦФЕ во 2007 година. Тој подоцна пред рускиот Парламент изјави дека суспензијата ќе остане во сила додека земјите од НАТО не го ратификуваат договорот и не почнат да го спроведуваат.

Во 2015 година, Русија, исто така, престана да учествува на состаноците на советодавната група на ЦФЕ.

AA
Популарни