Рускиот претседател Владимир Путин денеска рече дека Русија ќе обезбеди бесплатно жито за шест африкански земји во следните три до четири месеци.
„Ќе бидеме подготвени во месеците што доаѓаат, во следните три до четири месеци, да обезбедиме 25.000-50.000 тони жито бесплатно за Буркина Фасо, Зимбабве, Мали, Сомалија, Централноафриканската Република и Еритреја. Ние, исто така, ќе обезбедиме бесплатна испорака на овој производ до потрошувачите“, истакна Путин за време на неговиот воведен говор на Самитот Русија-Африка во Санкт Петербург.
Тој нагласи дека се појавува парадоксална слика, каде што западните земји го попречуваат снабдувањето со руско жито и ѓубрива, додека лицемерно ја обвинуваат Москва за актуелната кризна ситуација на светскиот пазар на храна.
„Овој пристап беше особено евидентен при имплементацијата на таканаречениот Договор за жито, кој беше склучен со учество на Секретаријатот на ОН и првично имаше цел да се осигури глобална обезбеденост со храна, да се намали заканата од глад и да им се помогне на најсиромашните земји, вклучително и оние во Африка“, рече Путин.
Тој понатаму нагласи дека во рамките на Црноморската иницијатива за жито од Украина се извезени вкупно 32,8 милиони тони, додавајќи дека повеќе од 70 отсто од извезеното жито отишло во земјите со висок и среден приход.
Путин, исто така, рече дека уделот за земјите како Етиопија, Судан и Сомалија изнесува помалку од 3 отсто од вкупниот износ што, според него, е помалку од 1 милион тони жито.
„Ниту еден од условите во Договорот за повлекување на санкциите за руското извезување жито и ѓубрива на светските пазари не беше исполнет. Ниту еден. Се наметнаа и пречки за бесплатниот трансфер на минерални ѓубрива од наша страна за најсиромашните земји што имаа потреба“, додаде рускиот претседател.