Путин изјави дека Москва смета дека легитимитетот на Зеленски е завршен / Photo: AA

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека украинскиот парламент, или Врховната Рада и неговиот претседавач според Уставот на Украина во моментов се единствената легитимна власт во земјата.

Говорејќи на прес-конференција во Ташкент, Узбекистан, емитувана во живо на руската телевизија, Путин нагласи дека уставот на Украина предвидува продолжување на пратеничките мандати, но не и на претседателската власт во услови на вонредна состојба.

„Постои член 111 од Уставот на Украина, кој вели дека во овој случај (според истекот на претседателскиот мандат и неможноста за одржување избори) надлежноста на врховната власт, односно претседателската власт се пренесува на претседателот на парламентот“, рече Путин.

Мандатот на украинскиот претседател Володимир Зеленски истече на 20 мај.

Претседателските избори во Украина беа закажани за 31 март, но гласањето беше откажано поради вонредната состојба и општа мобилизација.

Минатата недела Путин изјави дека Москва смета дека легитимитетот на Зеленски е завршен.

Тој нагласи дека во контекст на продолжувањето на преговорите со Украина, клучно е да се утврди кои се соодветните и легитимните претставници за потпишување правни документи.

AA
Популарни