Претседателот на Русија Владимир Путин утре се очекува да ја потпише анексијата на четирите украински региони со што формално тие би станале дел од Русија, потврди портпаролот на Кремљ. Во меѓувреме, на Црвениот плоштад во Москва е поставена бина со огромни видео екрани, со билборди на кои пишува „Доњецк, Луганск, Запорожје, Херсон – Русија!
Администрациите на четирите провинции, инсталирани од Русија, формално побараа од Путин да ги вклучи во рамки на Русија, што руските власти сугерираа дека е само формалност.
Се очекува утре на 30 септември Москва официјално да ги анектира четирите региони на Украина окупирани од Русија.
„Утре во грузиската сала на Големата палата Кремљ во 15 часот (12 часот по Гринич) ќе се одржи церемонија на потпишување за инкорпорирање на новите територии кон Русија“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков..
Песков изјави за новинарите дека администрацијата на четирите региони, каде што петдневното гласање заврши во вторник, ќе потпише договори за приклучување кон Русија за време на церемонијата во петок.
Официјални лица поддржани од Русија во тие региони - Херсон и Запорожје на југот на Украина и Доњецк и Луганск на исток - изјавија дека референдумите покажале дека огромно мнозинство од нивното население гласало за приклучување кон Русија.
Украина и нејзините сојузници ги осудија референдумите како лажни.
Русија вели дека нема да ја прекине „специјалната воена операција“ по очекуваната анексија на четирите региони што ги држи во источна Украина, додека борбите влегуваат во својот 218-ти ден.
Москва објави дека ќе продолжи со борбите додека не ја преземе контролата врз целиот Доњецк. Околу 40% од него се уште е под контрола на Украина.