Рекорден приход на Фајзер од продажба на вакцини против Ковид-19     Фото: AA

Фармацевтскиот гигант Фајзер оствари рекорден приход во вториот квартал од 2022 година од продажба на вакцини против Ковид 19 и од лекот „паксловид”, според најновиот финансиски извештај на компанијата.

Компанијата со седиште во САД заработи 8,8 милијарди долари од вакцините за Ковид-19 и 8,1 милијарда долари од лекот „паксловид” наменет за орална употреба.

Вкупниот приход на компанијата достигна 27,7 милијарди долари во вториот квартал, што е за 46,5 проценти повеќе од 18,9 милијарди долари во истиот период минатата година.

Нето приходот порасна за приближно 80 проценти односно изнесува 9,9 милијарди долари. Истиот период минатата година изнесуваше 5,5 милијарди долари.

Извршниот директор Алберт Бурла изјави дека компанијата покренала иницијатива вакцините и лековите да бидат достапни за 1,2 милијарди луѓе од 45 земји со пониски приходи ширум светот по набавна цена.

Очекувањата на компанијата за 2022 година се дека вкупниот приход од вакцините ќе изнесува 32 милијарди долари, а од „паксловид“ 22 милијарди долари.

Фајзер и германскиот партнер Бионтек на 29 јуни објавија дека ќе обезбедат 105 милиони дози вакцини за американската Влада. И покрај тоа што Владата на САД може да купи 195 милиони дози, можно е договорот да вклучува и вакцина за Ковид-19 адаптирана за возрасни заразени со омикрон. Таа треба да биде одобрена од Управата за храна и лекови.

AA
Популарни