Стотици луѓе загинаа во последниот период, кои според меторолозите се најтоплите досега во историјата на планетата.
3 и 4 јули 2023 година, последователно беа регистрирани како рекордно топли денови досега. Просечната глобална температура изнесуваше по 17.01 и 17.18 степени Целзиусови, што е највисок рекорд, откако се воведени редовни мерења на температурите во 1979 година.
Покрај влијанието на климатските промени и затоплувањето на планетата, научниците сметаат дека и феноменот на топол ветар „Ел Нињо“ влијае врз зголемување на летните температури на Северната хемисфера.
Затоа се очекува јули да продолжи со високите температури и да бидат надминати досегашните рекорди на екстремно високи летни жештини, смета д-р Пауло Цепи, предавач по климатски науки на Институтот Грантам на Империал колеџ во Лондон.
Погодени стотици милиони ширум светот
Топлотните бранови, екстремната влажност на воздухот и невообичаено високите температури за одредени делови од светот, во ова доба од годината, значеа и фатални последици.
Екстремни жештини ја зафатија Шпанија, со рекордни температури кои достигнаа 44 степени Целзиусови. Претходно двајца фармери починаа како последица на изложеноста на јакото сонце.
Предупредувања за прекумерна жештина и влажност на воздухот беа објавени низ многу земји во светот, вклучувајќи ги САД, каде милиони граѓани беа погодени од екстремните температури, со дополнителна закана од бури.
Не се поштедени ниту земјите од Азија, а најголеми проблеми жештините предизвикаа во Иран, Индија, Пакистан и Кина.
Температурите во Иран достигнаа високи 50 степени Целзиусови, во Пакистан загинаа над 20 луѓе, бројот на жртви од екстремните жештини во Индија надмина 150 луѓе, а во Кина исто така забележани се невобичаени високи температури од 40 степени Целзиусови.