RescEU: Помош во сезона на шумски пожари     Фото: Ројтерс

Додека шумските пожари пустошат низ Европа, а Словенија со денови се бори со најголемиот шумски пожар во својата историја, сѐ почесто се активира инструментот rescEU кој располага со противпожарна флота подготвена за интервенции ширум Европската Унија (ЕУ).

Словенија минатата недела поради пожарите на Крас побара помош преку системот rescEU во рамките на Механизмот на ЕУ за цивилна заштита.

Пожарот сега е под контрола. Само во саботата во гасењето на пожарот учествувале 13 хеликоптери и авиони од Словенија, Хрватска, Србија, Австрија, Унгарија и Италија, а дел од споменатите земји учествуваат во рамките на системот rescEU.

Хрватска на словенските пожарникари минатата недела четири дена по ред им испраќаше канадер и/или хеликоптер на помош.

Пожарот во Словенија опустоши повеќе од 3.500 хектари површина, а големо мнозинство Словенци сега сметаат дека државата мора да ги зајакне своите капацитети за гасење од воздух, за да не би зависела само од солидарноста во рамките на ЕУ.

Како функционира rescEU?

Инструментот rescEU, кој располага со заеднички европски резерви на ресурси, вклучува флота на авиони и хеликоптери за гасење пожари, како и медицинска опрема и теренски болници во случај на здравствена криза. Во новата сезона на шумски пожари низ Европа, Комисијата ја финансира rescEU противпожарната флота.

RescEU оваа година има на располагање по два противпожарни авиони од Хрватска, Франција, Грција, Италија, Шпанија и Шведска и еден хеликоптер од Грција.

Комисијата заедно со тие шест членки на ЕУ одлучува за распоредување авиони и хеликоптери во членките на ЕУ кои бараат помош во гасењето пожари, се наведува на официјалните страници на Европската комисија.


RescEU е потпрограма на Механизмот на ЕУ за цивилна заштита кој Европската комисија го воспостави во ноември 2001 година, за да се зголеми подготвеноста за одговор на катастрофи и кризи.

Во рамките на Механизмот на ЕУ за цивилна заштита со 27 членки на ЕУ учествуваат уште шест држави - Исланд, Норвешка, Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Туркије, а активиран е повеќе од 600 пати од почетокот на делувањето.

Помош на тој механизам може да побара било која земја во Европа и пошироко кога ќе ги надмине националните капацитети во одговор на природни катастрофи, здравствени кризи или судири.

„Комисијата има клучна улога во координацијата на одговори на катастрофите во Европа и пошироко, бидејќи придонесува со најмалку 75 отсто транспортни и/или оперативни трошоци на распоредување“, пишува на официјалните страници на Европската Комисија.

Откако земјата погодена од катастрофа ќе упати барање преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, на потег е Координативниот центар за итни случаи (ERCC) кој координира испраќање на помошта потребна на земјата.

Минатата година помош побараа 84 земји и една меѓународна организација - УНИЦЕФ. Од вкупно 114 акции, 36 беа во рамките на ЕУ, 78 надвор од ЕУ, покажуваат податоците од Советот на ЕУ и Европскиот совет.

Белгија тогаш го активираше механизмот поради поплавите, Хаити поради земјотреси и урагани, а Австрија, медитеранските земји и земјите од Западен Балкан поради шумски пожари.

HINA
Популарни