Само седум години откако стана дел од политичката сцена претставувајќи го Ричмонд како пратеник во британскиот Парламент, подготвен е да се соочи со предизвиците на една од најголемите светски економии. Риши Сунак ја доби можноста да стане лидер на Конзервативната партија на Велика Британија и нов британски премиер откако Лиз Трас по само 44 дена на премиерската функција поднесе оставка, а неговата противкандидатка Пери Мордонт се повлече од трката. Но кој е всушност Риши Сунак и кои се неговите приоритети за време на мандатот?
Потекло, семејство и образование
42 годишниот Сунак ќе биде најмладиот британски премиер во последните 210 години. Тој исто така ќе биде првиот политичар од индиско потекло на оваа позиција. И прв премиер кој ќе оди на аудиенција кај новиот британски крал Чарлс Трети.
Родителите на Сунак биле индиски имигранти кои во Обединетото Кралство допатувале од Африка. Неговиот татко Јашвир Сунак е роден во Кенија, додека неговата мајка Уша Сунак е родена во Танзанија.
Таткото на Риши Сунак, Јашвир е општ лекар, а мајката на Риши Сунак, Уша, е фармацевт. Риши е најстариот од трите деца на семејството Сунак роден на 12 мај 1980 година во Саутемптон.
Образованието го минал на колеџот Винчестер и на универзитетот Оксфорд каде студирал политика, филозофија и економија. Постдипломските студии по бизнис администрација ги завршил на Универзитетот Стенфорд.
Политичка кариера
Сунак ја започна политичката кариера во 2015 година. Тогаш стана член на Конзервативната партија на Велика Британија, а набрзо потоа и пратеник во Парламентот.
Во 2020 година Сунак беше избран за министер за финансии каде на функција остана до оваа година. Главна карактеристика на неговото работење како министер за финансии беа мерките за граѓаните и стопанството во време на корона кризата. Претходно работеше во банкарскиот сектор.
Големо богатство
Риши Сунак и неговата сопруга Акшата Мурти се во центарот на вниманието на јавноста и поради нивното богатство. Се проценува дека тоа изнесува 730 милиони фунти или 840 милиони евра.
Акшата Мурти е ќерка на индискиот милијардер Нарајана Мурти. Во минатото Акшата беше обвинувана дека одбила да плаќа данок на приходите од странство наспроти заложбите на нејзиниот сопруг за даночна политика. Иако не беше обврзана да го прави тоа Акшата сепак подоцна плаќаше дополнителни даноци.
Приоритети
Се очекува Сунак да води одмерена даночна политика која нема да значи намалување на даноците во насока на ослободување на граѓаните во услови на економска криза. Тој беше еден од критичарите на неговата претходничка Лиз Трас и нејзините планови за намалување на даноците. Сунак смета дека таквата политика би предизвикала хаос.
Тој се залага да ја направи Велика Британија енергетски независна до 2045 година, во време кога светот се соочува со сериозен недостаток на енергенти, но и огромно покачување на цените на струјата и другите ресурси.
Наспроти политиката на ниски даноци, Сунак смета дека намалувањето на инфлацијата треба да биде приоритет.
„Обединетото Кралство е одлична земја, но несомнено се соочуваме со длабок економски предизвик“, рече тој. „Сега ни треба стабилност и единство и ќе го направам мојот најголем приоритет да ги зближам нашата партија и нашата земја”, изјави Сунак.