Романија денес соопшти за наводни обиди за мешање во претседателските избори во земјата преку кампањи, вклучително и кибернапади.
Во објава на Х, романското Министерство за надворешни работи соопшти дека властите откриле „малициозни странски операции како нелегално финансирање, дигитално засилување и кибернапади“ насочени кон изборите, чиј прв круг беше нарушен со наводи за изборни прекршувања и руско мешање.
Во неочекуван резултат, крајно десничарскиот политичар Калин Ѓеорѓеску, поранешен висок државен службеник, беше прв во првиот круг што се одржа на 24 ноември. Во вториот круг в недела, тој ќе се соочи со Елена Ласкони, градоначалничка од центарот.
Уставниот суд поради сомневањата во резултатите на гласањето нареди пребројување на гласачките ливчиња, по што официјално беа потврдени резултатите, но премиерот Марсел Чиолаку, кој беше втор во првиот круг според првичните резултати, падна на третото место.
„Декласифицираните извештаи покажуваат невидено и значително странско мешање кон демократските институции и процеси“, соопшти Министерството.
Според МНР, тие се дел од континуиран обид да се поткопа цврстата посветеност на Романија кон евроатлантските вредности и членството во ЕУ и НАТО.
„Истрагата продолжува, сојузниците се информирани и ќе ги преземе сите неопходни чекори за да ја заштитиме нашата демократија, националната безбедност и суверенитетот. Романија останува посветена на заштитата на своите демократски институции и процеси“, се додава во соопштението на Министерството.