Романската владејачка Социјалдемократска партија на премиерот Марсел Чолаку води на парламентарните избори што се одржаа во неделата, со 23,9 отсто освоени гласови врз основа на околу 90 отсто од преброените гласачки ливчиња, соопшти Државната изборна комисија.
Екстремно десничарската опозициска Алијанса за обединување на Романците е на второ место со 17,9 отсто од гласовите.
Национал-либералната партија, која е партнер во владејачката коалиција, доби 14,6 отсто од гласовите, а опозициската Унија Да ја спасиме Романија 11,1 отсто.
Екстремно десничарската партија СОС Романија освои 7,2 отсто од гласовите, а ПОТ (Младинска партија) освои 5,8 отсто од гласовите.
Романците во неделата избираа 330 членови на долниот дом на парламентот и 136 членови на Сенатот.
Ова се втори од трите последователни избори за нов парламент и нов претседател, откако во првиот круг од претседателските избори на 24 ноември победи крајнодесничарскиот независен кандидат Калин Ѓеорѓеску, кој излезе од релативна анонимност и стана главен фаворит за победа во вториот круг.
Неговата изненадувачка победа сигнализираше поддршка за ултра-националистичките партии, од кои некои имаат отворено проруски симпатии, што може да ја поткопа поддршката на Романија за Украина и да го отвори патот за нелиберални политики, велат политичките аналитичари.
Социјалдемократскиот премиер Марсел Чолаку беше трет во првиот круг од претседателските избори, по кампањата во која доминираше загриженоста на гласачите за трошоците за живот и обвинувањата за корупција.
Претседателот во заминување Клаус Јоханис рече дека вчерашното гласање ќе ја одреди иднината на Романија - дали таа „ќе остане земја на слобода и отвореност или ќе падне во токсична изолација и темно минато“.