Русите се интересираат за купување станови во елитните белградски населби како Дорчол, Врачар, или „Београд на води“.     Фото: Reuters

Мобилизацијата која се спроведува во Русија поради војната во Украина е причина за значително зголемување на цените на недвижностите во земјите каде Русите можат да патуваат без ограничувања од санкциите.

Тоа може да се забележи во соседните земји како Грузија, Казахстан и Ерменија, но и во Србија каде се упатија голем број Руси кои би требало да бидат опфатени со регрутацијата. Тие сами или со нивните семејства ја напуштаат Русија за што потврдуваат и податоците од речиси сите гранични премини. Оние кои ја напуштаат земјата не штедат средства за купување или изнајмување станови, барем според објавените информации во медиумите.

Колку нудат руските бегалци?

Од 500 до 1.000 евра нудат руските бегалци за изнајмување на станови во Белград чија пазарна цена би била барем 20 до 30 отсто пониска. Ако просечните цени за изнајмување на станови од 50 квадрати во Белград пред руската инвазија на Украина биле од 300 до 400 евра, пребарувачите на најпопуларните интернет страници за недвижности сега покажуваат цени меѓу 450 и 500 евра. Во централното или близу централното градско подрачје ретко може да се најде подобро опремен стан за помалку од 450 евра.

Русите закупуваат станови на подолг период. Интерес за купување кај тие со подлабок џеб предизвикуваат и луксузни станови во елитните белградски населби како Дорчол, Врачар, или „Београд на води“. Тие за купување се подготвени да платат и 100.000 до 200.000 евра.

Ова претставува голем проблем за сите српски граѓани кои од внатрешноста доаѓаат во главниот град за работа или студентски престој. Русите креираат раст на цените кои тие не можат да го следат.

Претставници на повеќе агенции за недвижности за српските медиуми говорат дека побарувачката за станови во Белград од руски државјани почнала во мај годинава, а последните два месеци го достигнела максимумот.

Колку чини квадрат во новоградба во Србија?

Просечната цена на метар квадратен во новоградба во Србија во првото полугодие од 2022 година изнесувала 200.989 динари или или 1.713 евра. Додека во главниот град Белград просечната цена е 290.275 динари или 2.474 евра. Зголемувањето во однос на истиот период минатата година изнесува 14,8 проценти.

Податоците од Државниот завод за статистика на Србија објавени пред околу две недели веројатно значително ќе се сменат кога ќе бидат опфатени цените и за септември кога беше објавена мобилизацијата.

Русите водат според бројот на ноќевања

Вкупниот број на Руси кои избегале во Србија е непознат. Светските агенции располагаат со податоци за околу 50.000 Руси кои од почетокот на агресијата допатувале во Србија. Тие се главно од ИТ секторот. И во податоците на Државниот завод за статистика на Србија, Русите се на прво место според бројот на ноќевања во периодот од јануари до јуни 2022 година.

Слична ситуација со недвижностите и во Грузија

Ситуацијата во Грузија не се разликува многу од онаа во Србија. И таму бегалците од Русија во голема мера ги креираат цените на пазарот. Според медиумот „Грузија Денес“ (Georgia today) , изнајмувањето на недвижности во Тбилиси за еден месец се зголемило за 20 проценти и дека е 48 отсто поголемо во споредба со претходната година.

Интернет страницата за недвижности myhome.ge регистрирала 68 000 корисници повеќе од Русија, Украина и Белорусија во последната недела од февруари и првата недела од март. Цените на становите за изнајмување во некои делови на Тбиилси се зголемиле и двојно, а Русите не штеделе да издвојат и 1000 евра месечно за изнајмување луксузни станови.

Пораст на побарувачката и цените во Казахстан и Ерменија

Sutochno.ru е руска варијанта на Airbnb. Цените на недвижности во Русија и околните земји се издадени во рубљи. Оваа веб страница во септември регистрирала 11 пати поголема побарувачка на апартмани во Астана главниот град на Казахстан, за 8 пати во Тбилиси и за три пати поголема побарувачка во Ереван главниот град на Ерменија. Просечната цена на издавање апартмани во Астана бил 38 евра за ден, а во Ереван 65 евра за ден.

Сепак во Казахстан најголемата побарувачка за апартмани и најголем раст на цени се случи во градовите Уралск, Актобе, Костанај, Петропавловск и Павлодар. На 27 септември министерството за одбрана на казакстан објави дека од 21 септември во земјата влегле 98.000 Руси.

TRT Balkan
Популарни