Рускиот претседател Владимир Путин престојува во официјална посета на Северна Кореја, а на меѓународниот аеродром во Пјонгјанг беше дочекан од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесува Анадолу.
По срдечниот поздрав, двајцата лидери влегоа во автомобил и заедно отидоа во резиденцијата Кумусан, каде што престојува Путин.
Севернокорејската агенција КЦНА објави дека Путин пристигнал во Пјонгјанг во важен период кога пријателските односи меѓу Северна Кореја и Руската Федерација станаа „стратешки бастион на меѓународниот мир, правда и безбедност и мотор на новиот мултиполарен светски поредок“.
Ова е прва посета на рускиот претседател Путин на Северна Кореја по 24 години. Путин и Ким последен пат се сретнаа во септември 2023 година во рускиот регион Источен Сибир.
Под притисок на санкциите од Соединетите Американски Држави и Европа поради војната во Украина, Русија покажа тенденција да ја зголеми својата воена соработка со Северна Кореја.
Во изјавата пред пристигнувањето во Северна Кореја, Путин рече дека ја цени поддршката на Пјонгјанг за руските воени операции во Украина.
Посочувајќи дека Северна Кореја и Русија решително се спротивставија на амбициите на Западот, Путин рече дека двете земји ќе развијат трговски и платежни системи кои не се под контрола на Западот и дека ќе се спротивстават на воведувањето нелегални еднострани санкции против државите.