Шпанскиот премиер Педро Санчез во понеделникот одлучи да остане на функцијата, која ја извршува од летото 2018 година, иако судија во Мадрид пред неколку дена отвори истрага против неговата сопруга за можна корупција.
„Решив да продолжам, со уште поголема сила на чело на владата“, рече Санчез во говорот од владината зграда.
Санчез (52), лидер на шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), во средата ги суспендираше сите должности за да „размисли“ пет дена дали вреди да остане на функцијата поради „лажни обвинувања“ и „напади врз неговата сопруга“.
„Тие се обидуваат да ме скршат поради тоа што сум (...)“, рече тој. „Мојата сопруга и јас знаеме дека оваа дискредитирачка кампања нема да престане. Оваа злоупотреба ја трпиме 10 години“, додаде тој во своето обраќање.
На новинарите не им беше дозволено да поставуваат прашања за време на обраќањето.
На 16 април, судијата во Мадрид отвори истрага против Бегоња Гомез (49) врз основа на текстови објавени во онлајн весникот Ел Конфиденшл. Гомез е осомничена дека напишала препорака до приватни компании кои аплицирале на јавни тендери, а исто така и за односот со авиокомпанијата „Ер Европа“ во текот на 2020 година, додека таа авиокомпанија била спасена од владата со народни пари.
Сопругата на Санчез е раководител на постдипломскиот курс за претприемништво на јавниот универзитет Комплутенсе во Мадрид. Истрагата треба да утврди дали имало конфликт на интереси.
Пријавата до судот ја поднесе синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце), кој владата го обвинува за припадност на екстремната десница и учество во обидот за рушење на власта.
Санчез формираше малцинска левичарска влада пред шест месеци со парламентарна поддршка на сепаратистичките партии на Каталонија, Баскија и Галиција.
Неговите ПСОЕ и партнерските партии ја обвинија опозициската десница во текот на викендот дека не ги признава изборните резултати.
Државниот правобранител, кој беше назначен од кралот во 2022 година на предлог на владата на Санчез, побара завршување на истрагата минатата недела, наведувајќи дека „нема индиции за кривично дело“.
Десничарската опозициска Народна партија и Вокс побараа „одговорност“ од Санчез и го обвинија за „притисок врз судовите“.