Поради загадениот воздух училиштата и јавните места се затворени до 17 ноември / Photo: AFP

Сателитски снимки на НАСА покажуваат дека смогот над Пенџаб е видлив од вселената, додека во тој регион во источен Пакистан се регистрирани рекордни нивоа на загаденост на воздухот, поради што властите ги забранија повеќето активности на отворено.

Сликите на НАСА ВорлдВју (Worldview) го прикажуваат источниот дел на Пакистан покриен со токсична магла, а смогот се шири во северните региони на Индија и Њу Делхи.

Повеќе од 40.000 луѓе во Пакистан веќе се лекувани од респираторни заболувања предизвикани од загадениот воздух, а Лахоре, главниот град на Пенџаб, каде живеат 14 милиони луѓе, постојано има, според мерењата на веб-страницата IQAir, индекс на загаденост на воздухот од повеќе од 400, додека секое читање над 300 единици се смета за опасно.

Претходно во ноември, делови од Лахоре имаа отчитувања над 1.900, што е рекордно високо ниво на загаденост.

IQAir денеска објави дека концентрацијата на ПМ2,5 - микрочестички кои влегуваат во крвотокот преку белите дробови - во Лахоре е повеќе од 50 пати поголема од препорачаните вредности.

Овој град во источен Пакистан често е рангиран од IQAir како едно од местата со најзагаден воздух во светот.

Поради загадениот воздух, регионалните власти ги забранија повеќето активности на отворено, на продавниците во Лахоре им е наредено да работат на ограничено време, а училиштата и јавните места се затворени до 17 ноември.

Здравствените власти соопштија дека повеќе од 40.000 луѓе веќе биле лекувани од респираторни заболувања, додека болниците во регионот пријавиле нагло зголемување на бројот на пациенти со иритација на очите и грлото.

Агенцијата на ОН за деца УНИЦЕФ предупреди дека здравјето на 11 милиони деца во регионот Пенџаб е загрозено доколку не се направат напори да се реши проблемот со токсичниот смог.

Претставникот на УНИЦЕФ во Пакистан, Абдула Фадил, изјави дека „пред овие рекордни нивоа на загаденост на воздухот, околу 12 отсто од смртните случаи на деца под петгодишна возраст во Пакистан се должат на загадениот воздух“.

„Ќе биде потребно време да се процени влијанието на овогодинешниот екстремно тежок смог, но знаеме дека удвојувањето и тројното зголемување на количината на загаденост во воздухот ќе има катастрофални последици, особено за децата и бремените жени“, рече Фадил.

TRT Balkan / агенции
Популарни