21 март глобално се одбележува како Меѓународен ден за елиминација на расизмот и расната дискриминација      Фото: AP

Повеќе од четири децении на 21 март се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на расната дискриминација. Поттикнат е од настаните на тој ден во 1960 година во Јужна Африка кога на мирни протести против законите за апартхејд биле убиени 69 граѓани, меѓу кои жени и деца.

Затоа на 21 март се организираат глобални настани за солидарност и поддршка на сите жртви на расизам и дискриминација и се прават обиди да се спречи злоупотребата на човековите права кои се универзално гарантирани.

Оваа година Меѓународниот ден за елиминација на расната дискриминација се поклопува и со одбележување на 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права со фокус на итноста за борба против расизмот и расната дискриминација.

Системската дискриминација и натаму присутна

Денес главните предизвици се продолжената системска дискриминација на расна и етничка основа, како и зголеменото ниво на говор на омраза кој води кон насилство.

„Низ целиот свет, ксенофобијата и нетолеранција која е поврзана се во пораст. Луѓето од африканско потекло, националните, етничките, јазичните и верските малцинства, домородните народи и заедниците на Ромите и Синтите се стереотипизирани, стигматизирани и маргинализирани, соочени со системска дискриминација во сите области од нивниот живот. Мигрантите и бегалците се оцрнуваат и напаѓаат“, вели Фолкер Турк, Висок комесар на ОН за човекови права.

Турк додава дека е неопходна „политичка волја за соочување со наследството на расна дискриминација од минатото и да се испорача репаративна правда“.

Водечки насоки за државите членки на ОН треба да бидат Меѓународна конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација која е прифатена и ратификувана од многу земји, како и Декларацијата од Дурбан и програмата за акција.

TRT Balkan / агенции
Популарни