Генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес ја истакна важноста на подготовката за болест Х, изразувајќи надеж дека земјите ќе постигнат пандемиски договор до овој мај за справување со овој „заеднички непријател“.
„Пандемискиот договор може да го донесе целото искуство, сите предизвици со кои се соочивме и сите решенија во едно“, изјави Гебрејесус на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Нагласувајќи дека болеста Х, непозната болест, како термин првпат е користена во 2018 година, тој рече дека има непознати работи што може да се случат и случувањето е „прашање кога, а не дали“.
„Не треба неподготвени да се соочуваме со работите, може да се подготвиме и за некои непознати работи“, порача Гебрејесус на панел дискусијата насловена „Подготовка за болеста Х“.
Осврнувајќи се на важноста на истражувањата и развојот, како и на подготовката на здравствената инфраструктура и работната сила за болеста Х, тој истакна дека примарното здравство е од клучно значење како што било и за време на пандемијата на КОВИД-19.
„Дури и заедниците можат да се подготват за болеста Х“, рече Гебрејесус, додавајќи дека во центарот треба да бидат јавното здравство, образованието и комуникацијата.
Повторувајќи ја важноста на пандемискиот договор, Гебрејесус истакна дека тоа може да му помогне на светот на подобар начин да се подготви за иднината.
„Бидејќи станува збор за заеднички непријател и без заеднички одговор, почнувајќи од подготвеноста... ќе се соочиме со ист проблем како со КОВИД“, додаде шефот на СЗО.
Потсетувајќи дека краен рок за договорот е мај 2024 година, Гебрејесус изрази надеж дека дотогаш земјите ќе го постигнат овој пандемиски договор.
Посочи дека ако оваа генерација, која има искуство од прва рака, не може да го направи тоа, не мисли дека тоа ќе го стори следната генерација.
„Значи, заради нашите деца и внуци ... мора да го подготвиме светот за иднината“, додаде Гебрејесус.