„Постоеше чувство на сигурност кога тој беше премиер и ја водеше земјата. Навистина го поддржував, ова е голема трагедија“, порача 58 годишната наставничка Кеико Ноуми, на церемонијата за простување со Шинзо Абе, поранешниот премиер на Јапонија кој минатата недела беше убиен при атентат.
Илјадници граѓани се собраа пред Зојоји храмот во Токио да испратат последен поздрав до поранешниот лидер, кој во модерната поствоена ера на Јапонија најдолго беше на кормилото на Владата.

Со принесување цвеќиња и знамиња покриени со црни лени, нацијата се прости со Абе, застрелан од зад грб од осомничениот атентатор Тетсуја Јамагами.
„Тој ми беше омилениот премиер и затоа дојдов да се збогувам“, изјави граѓанинот Акихито Сакаки пред храмот каде се одржа поменот.
Погребната церемонија за Шинзо Абе се одржа зад затворени врати за јавноста и медиумите, а присуствуваа само најблиските членови на семејството и пријателите. Пораки со сочувство и жалење пристигнаа од сите светски лидери.

Потоа погребната поворка продолжи да се движи низ Токио, поминувајќи низ централните државни институциии, како Парламентот на Јапонија каде започна политичката кариера на Абе како пратеник во 1993 година, како и Канцеларијата на премиерот на Владата на Јапонија, во која тој помина осум години.
Шинзо Абе беше застрелан од зад грб на 8 јули во градот Нара додека држеше говор за време на настан во тек на политичка кампања.
Осомничениот атентатор засега се тврди дека убиството го извршил сметајќи дека Абе е дел од верски култ наречен „Црква на обединувањето“, кој тој го обвинува за финансиските проблеми и банкротот на неговата мајка, инаку член на споменатата организација.