Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека се противи на повикот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп до членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана од сегашните два на пет проценти од БДП.
„Тоа се многу пари. Имаме многу јасна процедура за донесување одлуки во НАТО, каде што членките на Алијансата во моментов се обврзани да потрошат два отсто од БДП за одбрана“, изјави Шолц.
Тој рече дека пет проценти од германскиот БДП ќе изнесува околу 200 милијарди евра годишно.
„Кога тоа ќе го споредиме со федералниот буџет од околу 490 милијарди евра, тоа значи дека Германија би морала да наоѓа дополнителни 150 милијарди евра годишно. И затоа мислам дека е подобро да се концентрираме на патот за кој НАТО одамна се договорил“ рече канцеларот.
Шолц додаде дека Германија мора да направи повеќе за безбедноста, нагласувајќи дека Берлин веќе скоро ги удвоил своите годишни трошоци за одбрана на речиси 80 милијарди евра во последните години.
Говорејќи на состанокот на НАТО за Украина во воздухопловната база Рамштајн во јужна Германија, министерот за одбрана Борис Писториус, исто така, рече дека пет проценти од БДП се премногу, истакнувајќи дека тоа ќе изнесува „околу 40 проценти“ од целиот германски федерален буџет.