Ќе се мобилизираат лица со претходно воено искуство     Фото: АА

Еден ден откако долниот дом на рускиот Парламент, Руската Дума ги донесе законските измени со кои се заоструваат казните за кршење на воената служба, а одредени региони на Украина најавија референдуми за независност, рускиот претседател Владимир Путин ја донесе одлуката за делумна мобилизација.

Со нацрт законот за воена служба освен што се прецизираат термините мобилизација, воена состојба и воено време се предвидуваат казни затвор од 15 години за избегнување воена служба и неспроведување воена наредба.

Воведени се и измени на кривичниот закон кои предвидуваат пет години затвор за намерно уништување или невнимателно оштетување на воената опрема.

Мобилизација само на оние со воено искуство

Мерката која ја соопшти Путин дозволуваа мобилизација на одреден дел од резервниот состав на руската армија.

Мобилизацијата во овој случај се однесува само на оние со претходно воено искуство. Не се регрутираат сите кои отслужиле или во моментов служат воен рок. Мобилизираните пред да бидат распоредени ќе поминат одредена обука.

Според рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ќе бидат мобилизирани околу 300.000 резервисти или едн процент од резервниот состав на Русија. Шојгу истакна дека делумната мобилизација е неопходна поради контролирање на линијата на конфликтот долга 1.000 километри како и „ослободените територии”.

Во Русија служењето воен рок е задолжително и трае 12 месеци. Воен рок задолжително служат мажите од 18 до 27 години. Ако некој избегнува служење воен рок казната е две години затвор.

Во западната воената терминологија, делумна мобилизација се посочува како ситуација кога претседателот мобилизира сили како одговор на надворешни закани за националната безбедност. Таа не може да трае подолго од 24 месеци.

Делумна па општа мобилизација во Украина

За разлика од Русија во Украина е на сила општа мобилизација. Украинскиот парламент неколку пати ја продолжуваше важноста на одлуката за општа мобилизација додека траат руските напади. Указот го потпиша претседателот Владимир Зеленски.

На почетокот на воениот конфликт Зеленски нареди делумна мобилизација на резервистите.

Примери од минатото

Делумна мобилизација прогласувале и други држави. Азербејџан го стори тоа во 2020 година при ослободување на окупираните територии по нападите на Ерменија.

Делумна мобилизација беше прогласена и во Киргистан по судирите меѓу Узбеците и Киргизите во градот Ош на југот на земјата во кои загинаа 100 луѓе.

И Израел во 1956 година ја применил делумната мобилизација.

Гледано историски делумна мобилизација во Русија била објавена и на почетокот од Првата светска војна. Еден месец по атентатот на австрискиот престолонаследник Франц Фердинанд во Сараево кој бил причина за војната која набрзо се проширила низ целиот свет, Русија објавила делумна мобилизација кон Австроунгарија.

И Австроунгарија применила делумна мобилизација на својата армија кон Србија.

Популарни