Симптомите на вирусот се појавуваат со ненадеен почеток на висока температура и главоболки, повраќање крв, болки во зглобовите и мускулите и необјаснето крвавење низ отворите на телото. / Photo: TRT World

Вирусот Марбург кој предизвикува смртоносна хеморагична треска е причина за нова здравствена тревога во светот. Научниците се тркаа да најдат имунизација. Светската здравствена организација потврди осум нови случаи на вирусот во Екваторијална Гвинеја, со што вкупниот број на лабораториски потврдени случаи се искачи на девет од прогласувањето на епидемијата во февруари.

“Новите случаи беа потврдени по лабораториска анализа на дополнителни примероци во источните и западните делови на земјата и провинцијата Центро Сур, која граничи со Камерун и Габон”, се вели во соопштението на СЗО.

Областите за кои се пријавуваат случаи се оддалечени околу 150 километри, што укажува на поширок пренос на вирусот, истакнува СЗО. Пријавени се најмалку 20 сомнителни случаи и 20 смртни случаи.

Матшидисо Моети, регионален директор на СЗО за Африка, рече дека потврдата на новите случаи е критичен сигнал за зголемување на напорите за одговор за итно запирање на синџирот на пренос и спречување на потенцијална епидемија и смртни случаи од големи размери.

Последното соопштение во Екваторијална Гвинеја дојде неколку дена откако според министерството за здравство на Танзанија ја потврди смртоносната болест во северозападниот регион Кагера. Во Танзанија се потврдени пет смртни случаи и примени се уште тројца пациенти.

Што е Марбург вирус

Марбург, многу заразен и смртоносен филовирус, е поврзан со еболата. Тие се дел од пошироката група на вируси кои можат да предизвикаат вирусна хеморагична треска, синдром на треска и крвавење.

Вирусот Марбург го доби своето име од германскиот град, каде што за прв пат беше идентификуван во 1967 година по увозот на африкански зелени мајмуни од Уганда, со кои подоцна ракуваа лабораториски работници во Германија и Југославија.

Оттогаш, епидемии се случија во неколку африкански нации, но поретко отколку со ебола. Најголемата беше во Ангола во 2005 година, со 374 случаи и 329 смртни случаи.

Меѓутоа, присуство на Марбург пријавија и Гана, Гвинеја, Кенија, Ангола, Демократска Република Конго, Русија, Зимбабве, Јужна Африка,што предизвикува загриженост за потенцијалот на вирусот да стане многу поголема епидемија и се шири на глобално ниво како Ковид-19.

Пренос и симптоми

Вирусот се шири меѓу луѓето преку директен контакт, особено со телесни течности, како што се крв, повраќање и измет. Може да се пренесе и преку контакт со заразени животни, како лилјаци и мајмуни.

Според СЗО, вирусот Марбург може да предизвика тешка хеморагична треска, што доведува до откажување на органите и смрт. Стапката на смртност од вирусот се проценува дека е помеѓу 24 отсто и 88 отсто, во зависност од силината. Симптомите на Марбург вирусот може да се забележат во рок од 2-21 ден по заразувањето.

Симптомите на вирусот се појавуваат кај заболено лице со ненадеен почеток на висока температура. Ова е придружено со главоболки, повраќање крв, болки во зглобовите и мускулите и необјаснето крвавење низ отворите на телото, вклучувајќи ги очите, носот, непцата, ушите, анусот и кожата.

Колку треба да бидеме загрижени?

Избувнувањето на вирусот Марбург во Гвинеја предизвика загриженост поради близината на земјата со други земји кои доживеале епидемии на ебола во минатото, вклучувајќи ги Сиера Леоне и Либерија.

Загриженоста е дека Марбург може да се прошири како ебола во 2014 година, да прерасне во многу поголема епидемија и да стане глобален. И покрај различните истражувања на животни, не постои специфичен третман или вакцина за Марбург. Покрај тоа, експериментални третмани никогаш не биле испробани кај луѓе.

СЗО соопшти дека работи со националните власти за да ги засили мерките за одговор во итни случаи - вклучително и подобрување на надзорот на болеста, тестирање, клиничка нега, превенција и контрола на инфекции, како и спроведување на дополнителни епидемиолошки истраги.

Истакнувајќи ја потребата да се подигне јавната свест за да се помогне во спречувањето на ширењето на инфекцијата, СЗО соопшти дека во наредните денови ќе бидат распоредени дополнителни експерти за епидемиологија и превенција и контрола на инфекции.

Африканските центри за контрола и превенција на болести соопштија дека ќе испратат експертски тим во Танзанија за да помогне во мерките за одговор.

TRT World
Популарни