Последниве неколку денови имаше низа случаи во Шпанија каде беа испратени писма-бомби до шпанскиот премиер, украинската амбасада, воздухопловна база и фабрика за оружје.       Илустрација: ТРТ Балкан

Бомба која се праќа преку пошта во писмо или пакети кои експлодираат откако ќе бидат отворени. Ова е дефиницијата на Енциклопедија Британика за таканаречените писма бомби. Во нив најчесто се ставаат експлозиви или друго огнено оружје. Наменети се да го убијат или да го повредат оној кому му се испраќа пакетот. Последниве неколку денови имаше низа случаи во Шпанија каде беа испратени писма-бомби до шпанскиот премиер, украинската амбасада, воздухопловна база и фабрика за оружје. Во украинската амбасада повреден беше човекот што го отворил писмото, но не сериозно.

Во минатото мета на писма или пакет бомби биле повеќе значајни личности или компании. Меѓу нив и претседатели, премиери, високи функционери на Меѓународниот монетарен фонд. Во продолжение потсетуваме на дел од случаите.

Историја

Писмата или пакетите бомби имаат длабоки корени во историјата. Меѓу најкарактеристичните примери на употреба на писма бомби во историјата се врзува со припадничките на британската женска социјално политичка унија. Се работи за периодот пред Првата светска војна. Нивните бомби исто така биле направени да ги убијат или да ги повредат високите општествени чинители. Меѓу нив и поранешни британски премиери, судии, лордови.

Поранешни претседатели и медиуми на удар во САД

Пред три години во САД на 20 години казна затвор беше осуден Цезар Сајок, 57 годишен поранешен доставувач на пица од Флорида, поддржувач на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Тој призна дека им испраќал писма бомби на критичарите на Трамп. Негова цел биле поранешниот американски претседател Барак Обама и Хилари Клинтон која беше кандидат на изборите во 2016 година.

Сомнителни пратки поврзани со истиот напаѓач биле пронајдени и во Си-Ен-Ен (CNN). Властите во САД под сомнение за писма бомби проверувале и неколку пратки наменети за Џо Бајден во времто кога тој беше потпретседател на САД.

Повредени функционери на ММФ

Пакети со експлозив пред пет години беа пронајдени пред седиштето на Меѓународниот монетарен фонд во Париз како и пред зградата на германското министерство за финансии во Берлин. Полесно беше повредена секретарката на ММФ. Уште две лица кои се нашле во просторијата во времето на експлозијата на бомбата не беа повредени.

Пакети бомби од Грција во Германија

Грчката екстремно левичарска група која себеси се нарекуваше „Огнени келии“ ја презеде одговорноста за пронајдениот пакет во Германија. Германската полиција првично не можеше да ја поврзе пратката со оваа група, но потврди дека пакетите биле испратени од Грција.

По нападите биле пресретнати осум сомнителни пакети од страна на полицијата во Грција.

Писмо бомба во автомобилот на грчкиот премиер

Поранешниот привремен грчки премиер Лукас Пападемос беше повреден во експлозија во неговиот автомобил во Атина. Според извештаите експлозијата била предизвикана од писмо бомба. Пападемос беше повреден во раката, ногата и стомакот. Повреден беше и неговиот возач. Грчката полиција во Атина уапси човек кој бил поврзан со серија бомбашки напади.

Компании за ДНК тестирања мета во Велика Британија

Пред 15 години во Велика Британија за еден месец имаше седум писма-бомби. Беа испратени до различни компании и агенции кои на некој начин се занимавале со ДНК тестирања и транспорт. Некои биле рачно пишувани, а некои на компјутер. За овие напади беше уапсен и осуден Мајлс Купер, домар во основно училиште во Чери Хинтон.

TRT Balkan
Популарни