Стотици пожарникари од Мексико, Јужноафриканска Република, Нов Зеланд и Австралија веќе се во Канада или се на пат да учествуваат во гаснењето / Photo: AA

Големите шумски пожари претворија во пепел дури 50 отсто од историскиот канадски град Џаспер, во Алберта, а најмалку 25.000 луѓе избегаа од пламените јазици претходно во текот на неделата, известија медиумите.

Премиерот Џастин Трудо ѝ нареди на војската да помогне во борбата со 176 шумски пожари што беснеат низ провинцијата.

„Стотици пожарникари од земји како Мексико, Јужноафриканска Република, Нов Зеланд и Австралија веќе се во Канада или се на пат да учествуваат во операциите за гаснење“, истакна Трудо.

Официјален претставник на пожарникарите во Алберта изјави дека моментно во Џаспер има околу 400 пожарникари.

Покрај пустошот во градот и во националниот парк Џаспер, во областа на канадските Карпести Планини, кој годишно го посетуваат околу два милиона луѓе, евакуирани се и 25.000 лица, меѓу кои голем број туристи, постои загриженост дека пожарот може да го загрози и нафтоводот Транс Маунтаин што минува низ паркот.

„Пожарникарите остануваат во градот и работат на спасување на колку што е можно повеќе објекти и заштита на клучната инфраструктура, вклучително и станицата за третман на отпадни води, комуникациските објекти, нафтоводот Транс Маунтаин и други“, објави „Паркс Канада“ на социјалните мрежи.

Со нафтоводот се пренесуваат околу 890.000 барели нафта дневно од Едмонтон, Алберта, до брегот на Пацификот во Британска Колумбија.

Премиерката на Алберта, Даниел Смит, неколкупати едвај ги задржуваше солзите и беше принудена да направи паузи на прес-конференцијата вчера, објави Си-би-ес њуз.

„Не може да се негира дека ова е најлош кошмар за која било заедница“, рече Смит. „За жителите на Џаспер и за оние што се раселени далеку, гледајќи ги сликите на својот град на телевизија и на интернет, чувствата на загуба, страв и осаменост мора да се преголеми. Но вие не сте сами! Сите жители на Алберта се со вас!“

Во Алберта беснеат 176 шумски пожари, во соседната провинција Британска Колумбија активни се 424, а со пожарите се борат вкупно 1.229 пожарникари, објави „Торонто Стар“.

AA
Популарни