Големо загадување од пожарите во Шпанија и Мароко     Фото: Reuters

Емисијата на јаглерод во јуни и јули годинава, предизвикана од шумските пожари во Шпанија и Мароко, е најголема во последните 19 години. Службата за мониторинг на атмосферата на Европската Унија „Коперник” соопшти дека вакви емисии на јаглерод не се забележани од 2003 година. Во Шпанија била забележана емисија на 1,3 милиони тони јаглерод во периодот од 17 јуни до 17 јули.

Претходниот рекорд од јуни-јули 2012 година беше 1,1 милион тони јаглерод.

„Емисиите на јаглерод во Шпанија се повисоки од нивото во последните 20 години“, изјави за Ројтерс Марк Парингтон од „Коперник”.

Во Шпанија активни се околу 30 пожари. Во Мароко, исто така, е поставен нов рекорд од 480.000 тони јаглерод од шумските пожари во јуни-јули оваа година. И во оваа држава тоа е највисоко во периодот јуни-јули во последните две децении.

„Коперник” во своите податоци го брои целиот јаглерод во атмосферата предизвикан од пожарите, вклучувајќи ги и стакленичките гасови, јаглерод диоксид и метан.

Во пожарите во Јужна Европа и Северна Африка загинаа стотици луѓе, а илјадници ги напуштија нивните домови.

Климатските промени и сушата го поттикнуваат брзото ширење на пожарите и придонесуваат за тоа тие да траат подолго. Тоа значи и значи повеќе стакленички гасови, а како последица и повеќе кардиоваскуларни и респираторни проблеми.

„Во зависност од тоа во која насока одат ветровите, тоа навистина може да влијае на квалитетот на воздухот и потенцијално врз десетици, стотици илјади луѓе“, рече Парингтон.

Шумските пожари во 2021 година беа причина за 1,76 милијарди тони јаглерод на глобално ниво вклучувајќи ги Сибир, САД и Медитеранот.

Франција исто така се приближува до рекордни емисии на јаглерод од шумски пожари. Пожарите во земјата испуштија 344.000 тони јаглерод во јуни-јули оваа година, што е највисоко ниво од 2003 година. Други земји, како што е Португалија, забележаа помали емисии на јаглерод од шумски пожари во споредба со просекот низ годините.

Reuters
Популарни